
Во текот на 2025 година, Европската Унија увезе 1,1 милијарда тони стока по море од земји надвор од ЕУ, во вредност од 1.270 милијарди евра. Извозот транспортиран по море изнесуваше 0,5 милијарди тони, во вредност од 1.069 милијарди евра.
Поморскиот транспорт беше главен начин на транспорт во меѓународната трговија со стоки на ЕУ во 2025 година. Тој доминираше во однос на физичкиот обем на трговијата, сочинувајќи 73,3 проценти од вкупниот увоз и 72,6 проценти од вкупниот извоз (мерено по тежина). Кога станува збор за вредност, неговиот удел беше помал и изнесуваше 50,2 проценти од вредноста на увозот и 40,4 проценти од вредноста на извозот, објави Европскиот завод за статистика – Евростат.
Спротивно на тоа, воздушниот транспорт играше помала улога во однос на обемот, но позначајна улога во однос на вредноста. Само 0,3 проценти од увозот и 2,9 проценти од извозот беа извршени по воздушен пат, но тие пратки учествуваа со 20,7 проценти од вкупната вредност на увозот и 29,1 процент од вкупната вредност на извозот.
Патниот транспорт, исто така, забележа поголем удел во вредност (19,5 проценти од увозот и 24,9 проценти од извозот) отколку во обем (шест проценти од увозот и 17,4 проценти од извозот).
Кога станува збор за железничкиот транспорт, уделот во обемот (2,6 проценти од увозот и 2,9 проценти од извозот) беше поголем од уделот во вредноста (1,2 проценти од увозот и 1,3 проценти од извозот).











