Фото: Pexels
Ако пиеш кафе колку што пијам јас, може да дојдеш до заклучок дека некој заработува невоспитано многу од сето тоа. Ако се точни повремените написи во весниците, кафето во капучиното чини десетина денари. Се разбира весниците не ни ја кажуваат целата приказна, односно дека тука е млекото, електричната енергија, цената на чашите и цената за целодневната насмевка на Ива на намуртените клиенти.
Но, откако сте додале се, сепак, се уште износот е помал отколку што чини чашата кафе. Според некои податоци, маржата на кафето е околу 150% – тоа чини 36 денари во капучино од 90 денари. Значи некој прави големи пари. Кој?
Може да мислите дека е сопственикот на кафе Единбург. Но, одговорот не е толку едноставен. Главната причина што кафе Единбург бара 90 ден. за капучино е дека нема кафе бар во близина кој наплаќа 60 ден. Тогаш, зошто никој во близина не оди со пониски цени? Без желба да ги потценам достигнувањата на кафе Единбург, капучиното всушност, не е комплициран производ. Нема оскудица од капучино за пиење (за жал, нема оскудица и за капучино што не е за пиење). Не треба многу за да купиш машина за кафе, бројач, да направиш бренд со малку рекламирање, некои бесплатни примероци и да вработиш пристоен персонал. Дури и Ива е заменлива. Вистината е дека најзначајна предност на кафе Единбург е неговата локација на посакуваната линија на движење на илјадници патници (дневни мигранти). Постојат неколку слатки места за кафе барови како што се на излез или во близина на станици или на ќошињата или на самите прометни улици.
Кафе Единбург и неговите ривали ги зграпчија. Ако Единбург навистина има хипнотичка контрола над своите клиенти, тогаш ќе биде потребно голем напор за да се одведат клиентите од неговиот кафе бар. Убавата маргина што ја има на неговите капучина не се должи на квалитетот на кафето ниту на персоналот, резултат е на локацијата, локацијата, локацијата. Но, кој ја контролира локацијата?
Сопствениците на атрактивните локали можат да потпишат договор со секој од нив или да потпишат ексклузивен договор со еден од нив. Но, брзо ќе согледаат дека никој не сака да плати многу за простор во чија близина има десетина други кафе барови така што сопственикот најмногу ќе добие од ексклузивен договор.
Обидувајќи се да откриете кој ќе ги заработи сите пари едноставно не заборавајте дека на едната страна на преговарачката маса постојат најмалку половина дузина натпреварувачки компании, а од другата страна е сопственикот кој го поседува единственото одлично место за кафе бар. Присилувајќи ги да играат еден спроти друг, сопственикот би требало да ги диктира условите и да принуди еден од нив да плати закупнина која ќе го изеде скоро целиот очекуван профит. Успешна компанија ќе очекува некој профит, но не многу. Ако закупнината биде доволно ниска за да остане значителен профит друга компанија ќе сака да плати малку повеќе за просторот. Постојат неограничен број на потенцијални кафе барови и ограничен број на атрактивни локали, што значи дека сопствениците се во предност.
Пребарувајќи дома, на полица, низ старите книги за економија, ја ископав првата анализа на кафе баровите на дваесет и првиот век. Објавена е во 1817 и не ја објаснува работата само на модерен кафе бар, туку и на поголемиот дел од самиот современ свет. Нејзиниот автор, Давид Рикардо, кој станал мултимилионер (во денешни пари) како брокер, а подоцна станал член на Парламентот, бил и економист ентузијаст, кој копнеел да разбере што се случило со економијата на Велика Британија во текот на тогашните последни Наполеонови војни, кога цената на пченицата и рентите за земјоделското земјиште вртоглаво се зголемиле.
Најлесен начин за да се разбере анализата на Рикардо е да се употреби еден од неговите примери. Замислете дивина со неколку доселеници, но со многу плодна ливада на располагање за одгледување на култури. Еден ден амбициозен млад земјоделец, Аксел, се прошетал во градот и понудил да плати рента за правото да одгледува култури на една акра на добра ливада. Сите биле согласни колку зрно ќе се произведува на една акра од ливадата, но не можеле да одлучат колку рента да плати Аксел. Бидејќи не постоел недостаток на необработливо земјиште, ако земјопоседниците се натпреваруваат нема да можат да наплатат висока рента или било каква рента воопшто. Секој земјопоседник попрво би земал мала рента отколку да не земе воопшто, така што секој ќе им конкурира на своите ривали, што му овозможило на Аксел да започне земјоделство за многу мала рента – само онолку колку е доволно за да се компензира проблемот на сопственикот.
Првата лекција е дека лицето во чија сопственост е саканиот ресурс, во овој случај земјопоседникот, секогаш немаат моќ колку што би се претпоставувало. Во приказната не е прецизирано дали Аксел е многу сиромашен или има готовина во лажната пета на своите чизми затоа што тоа не прави никаква разлика за висината на рентата. Моќта за преговарање доаѓа преку оскудицата, доселениците се ретки, а ливадите не се, па земјопоседниците немаат моќ за преговарање.
Тоа значи дека ако релативната оскудица се преместува од една личност на друга, исто така преговарачката позиција ќе се смени. Ако во текот на годините многу доселеници одат по стапките на Аксел, износот на резервни ливади ќе се намали до таму што нема да остане ниедна. Се додека, помеѓу земјопоседниците постои било каква конкуренција која не привлекува никакви закупци, се дотогаш рентите ќе бидат многу ниски. Сепак, еден ден, Боб, надежен земјоделец, дошол во градот и открил дека не постои резервно плодно земјиште. Не му била атрактивна алтернативата да одгледува на инфериорни, но изобилни необработени земјишта, па Боб, понудил да му плати многу пари на земјопоседникот кој ќе го избрка Аксел или било кој од другите земјоделци кој во моментов работат речиси без закуп. Но, како што Боб е подготвен да плати рента за ливадата, а не за необработливото земјиште, така сите земјоделци закупци на ливадата се подготвени да платат за да не се преселат. Сè е променето брзо. Одеднаш земјопоседниците имаат стекнато реална моќ да преговараат бидејќи одеднаш земјоделците се релативно многу, а ливадите се релативно малку.
Тоа значи дека земјопоседниците ќе бидат во можност да ја зголемат рентата. Но, колку? Ќе мора да биде доволно за да земјоделците заработат исто со одгледување на ливадите и да ја платат рентата, како и да одгледуваат на инфериорни необработливи земјишта чие изнајмување е бесплатно. Ако разликата во продуктивноста на двата вида на земјиште е пет бушели жито годишно, тогаш изнајмувањето, исто така, ќе биде пет бушели за една година. Ако земјопоседникот се обидува да наплати повеќе, неговиот закупец ќе замине за да одгледува на необработливото земјиште. Ако рентата е помала, земјоделците од необработливото земјиште ќе бидат подготвени да понудат повеќе.
Можеби изгледа чудно што рентите се променуваат толку брзо само затоа што уште еден човек пристигнал да одгледува во таа област. Изгледа дека оваа приказна не објасни како навистина светот функционира. Но, има повеќе вистина отколку што можете да замислите, дури и ако таа е премногу поедноставена. Се разбира, во реалниот свет, постојат и други елементи што треба да се разгледаат: закони за присилно истерување на луѓе, долгорочни договори, па дури и културни норми, како на пример фактот дека исфрлање на едно лице и инсталирање на нов станар следниот ден е нешто што не се прави. Во реалниот светот постојат повеќе од два вида на обработливо земјиште и Боб може да има различни опции отколку да биде земјоделец, односно може да добие работа како сметководител или како таксист. Сите овие факти го комплицираат она што се случува во реалноста, ја забавуваат промената во преговарачката моќ, ги менуваат апсолутните бројки на оние кои се вклучени и стават кочница на ненадејните движења во рентите.
Сепак, компликациите од секојдневниот живот честопати кријат поголеми трендови зад сцената како моќта од оскудицата преминува од една група на друга. Работата на економистот е да го сврти вниманието на основниот процес. Ние не треба да бидеме изненадени ако, одеднаш, пазарот на земјиштето се смени против фармерите, ако цените на куќите одат нагоре драматично, или ако светот е покриен со кафе барови во текот на еден период од само неколку месеци. Едноставноста на приказната истакнува само еден дел од основната реалност, но нагласувањето, ставањето акцент, е корисно во откривање на нешто важно. Понекогаш релативната оскудица и моќта на преговарање навистина се менуваат брзо и се со длабоки ефекти врз животот на луѓето. Ние често се жалиме на симптомите како на пример високата цена на кафето или пак на становите. Симптомите не можат да се третираат успешно без разбирање на моделите на оскудица кои се нивна основа.
И сега, кој заработува од моето кафе? Другата недела…