Кој, зошто, како, оти сака високи парични глоби???

38

novcanik

Фото: Pixabay

Секојдневно се формираат нови државни агенции и испекторати со образложение дека тоа така треба согласно европските директиви и дека мора да се усогласиме со европското законодавство, доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство. Која е улогата на овие агенции? Да спроведат определена законска регулатива (заштита на лични податоци, мобинг и сл.). И како тоа се прави? Со воведување на сериозни обврски за компаниите, кои ако не ги исполнат следува ВЕДНАШ ПАРИЧНА ГЛОБА, А И КАЗНА. Па нели во учебниците пишува дека улогата на казната е воспитна, е не репресивна. Веднаш изрекување на енормно високи парични глоби не ќе да е воспитна мерка, туку нешто друго.

Основната цел на секој донесен закон, би требало да биде неговата примена. Е сега прашањето е како да се натераат субјектите на кои се однесува законот, истиот да го применуваат? Во никој случај исправно решение не е да се натераат субјектите да го применуваат законот, со примена на “СТАП”. Па нели компаниите се пријатели на државата, од нив се финансира државата и државата има интерес истите да опстојат, добро да функционираат, а за тоа е потребно да не работат под стрес (страв) дека ќе им дојде испекција и поради високите глоби ќе им биде загрозено функционирањето.

Епа, доколку е тоа така, тогаш треба да се смисли подобро решение како компаниите да ги применуваат законите, а изречените мерки да имаат воспитна функција. РЕШЕНИЕТО Е ПРВО ИЗРЕКУВАЊЕ НА ОПОМЕНА, ПА ПОТОА КАЗНА. Видете колку е тоа убаво: “доаѓа испектор, утврдува нерегуларност во примената на определени законски решенија, ви изрекува опомена, ви остава рок во кој треба конкретната работа да ја спроведете и си оди”. СУПЕР!!! Во определениот рок ќе го направите тоа што се бара од вас и сите се среќни, весели. Ем ќе се применуваат законите, ем на компаниите ќе им остане некоја паричка плус.

Инаку, ОПОМЕНАТА како правен инструмент во состав на прекршочните санкции се применува во многу развиени демократски држави. Кога во држави со високо развиени економии, каде компаниите имаат високо развиена корпоративна култура, а располагаат и со финансии за спроведување на законските решенија, прво се применува ОПОМЕНА, па потоа казна, зошто кај нас да не биде така?

Второ многу битно прашање е како компаниите да ги применуваат правилно законите и да ги следат сите промени во законската регулатива, кога поголемиот број од нив не користат правни услуги. Одговорот е едноставен, треба да се воспостави култура кај компаниите да користат правни услуги. Е сега пак се поставува ново прашање, како да се воспостави култура кај компаниите да користат правни услуги? Овој пат можеби ќе бидам субјективна (не знам, вие процените, но не можам да избегам од тоа дека сум правник), меѓутоа сериозно сметам дека треба да постои обврска компаниите да користат правни услуги. Без спојување и на оваа алка во синџирот на примена на законите и воспоставување на високо ниво на владење на правото, истото не е можно.