Koја е најмладата милијардерка која сè сама стекна

164

Списанието Forbes минатата недела ја објави својата годишна листа на милијардери, на која се наоѓаат повеќе од 2.770 луѓе, од кои речиси 500 првпат влегоа во овој ексклузивен клуб.

Веројатно најинтересната личност на таа листа на нови милијардери е Витни Вулф Херд, чие богатство се зголеми откако на почетокот на годината компанијата што ја основаше, Bumble, излезе на берзата.

Медиумите потенцираат дека таа е најмладата жена која сама заработила милијарда долари, односно парите не ги добила од наследството или на пример, по развод.

Приказната на Вилфни Вулг Херд е мошне необична и вклучува обвинувања за сексуално злоставување и тужби од времето кога работела во Tinder, а токму ова (негативно) искуство ѝ помогнало да направи своја апликација за запознавање – Bumble.

Исто така, за разлика од повеќето претприемачи и колеги на раководни позиции кои живеат за работата, таа исклучително го цени своето приватно време поминато со семејството и шокираше многумина кога во едно интервју изјави дека сака да земе слободно попладне.

Вулф Херд е во брак со Мајкл Херд, нафтен наследник, кого го запознала на скијање во Аспен во 2013 година. Тие се венчале четири години подоцна, а во 2019 година го продале семејниот имот на Мајкл во Тексас за 28,5 милиони долари. Двојката има едно дете.

Уште пред основањето на Bumble, Вулф Херд имала долгогодишно искуство со апликациите за запознавање и била дел од екипата што го основала Tinder.

Таа ја напуштила компанијата по несогласувањата со други директори на компанијата (била во врска со едниот од нив), па покренала и тужба за сексуално вознемирување.

Иако компанијата што управува со Тinder ги демантирала нејзините обвинувања, сепак, ѝ платила околу милион долари за спогодбата. Исто така, во тоа време, таа била и на мета на онлајн насилници, поради кои морала да го затвори својот профил на Тwitter.

Бидејќи на своја кожа почувствувала злоставување – негативни искуства имала и како тинејџерка, одлучила да ја покрене апликацијата во која целата контрола ќе ја имаат исклучиво жените па во Bumble само тие ќе можат да започнат разговор со другите луѓе.

Компанијата ја покренала со помош на рускиот инвеститор Андреј Адрев, кој уште порано ја основал социјалната мрежа Badoo, но пред две години ги продал своите акции во двете компании.

Уделот на Вулф Херд во Bumble е 11,6 %, па затоа, откако компанијата излезе на берзата, нејзиното богатство се проценува на околу 1,3 милијарди долари. Исто така, и таа има удел во Баду, а двете апликации заедно имаат околу 40 милиони корисници, од кои 2,5 милиони плаќаат претплата.

Таа е една од 328 жени на листата милијардери на Forbes, што е зголемување во споредба на минатата година кога на списокот имаше 241, а трите најбогати жени во светот се Франсоаз Бетенкур Мејерс, чиј дедо е основач на L’Oréal, Алис Вaлтон, наследничка на основачот на Walmart и поранешната сопруга на најбогатиот човек на планетата Џеф Безос, Мекензи Скот.

Фото: Facebook