Која е возраста за пензионирање во Европа?

188

Француската влада размислува да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 64 години, пишува Sky News.

Досега Французите имаа право на пензија на 62 години. Овој потег не беше дочекан со ентузијазам.

Критичарите велат дека принудувањето на луѓето да работат подолго време е сурово и неправедно кон оние кои се вклучени во физичка работа.

Слични предлози се разгледуваат и во Обединетото Кралство.

Сепак, треба да се напомене дека Британците веќе работат подолго за да стигнат до заслужена пензија, односно нивната државна возраст за пензионирање е 66 години.

Планирано е да се зголеми за уште една година до 2028 година или за две до 2040 година.

Сепак, неодамнешните извештаи сугерираат дека старосната граница за пензионирање може да се зголеми на најмалку 69 години за да се поддржи стареењето на населението.

Која е старосната граница за пензионирање во другите земји низ Европа?

Според податоци од 2020 година, просечната старосна граница во Европската Унија е 64,3 години за мажите и 63,5 години за жените. Во Европа, највисоката старосна граница за мажите и жените е 67 години, а таа се практикува во Норвешка и во Исланд. Во Холандија старосната граница за двата пола е 66,3 години, во Обединетото Кралство и Ирска е 66, а во Германија 65,7 години.

Во земјите од регионот Хрватска ја има највисоката старосна граница за мажите – 65, додека за жените таа е 62,5 години.

Најниска старосна граница за пензионирање има Турција, каде што мажите се пензионираат на 52 години, а жените на 49 години. Следуваат Грција, Италија, Луксембург и Словенија со 62 години за двата пола. Поголемиот дел од овие земји нудат и опција за рано пензионирање.

Според процени од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), нормалната старосна граница за пензионирање ќе се зголемува во иднина. До 2060 година се проценува дека Данска ќе има највисока старосна граница за пензионирање од 74 години. Потоа ќе следуваат Италија и Естонија со 71 година за двата пола.

Се проценува дека Луксембург и Словенија ќе ја имаат најниската старосна граница за пензионирање од 62 години за двата пола до 2060 година.