Која особина ја има најпродуктивниот работник

635

Продуктивност на работното место или на приватен план е нешто за кое многумина тежнеат. Истражување кое го спровела консултантска компанија за развој на лидерство Zenger/Folkman ги разгледува карактеристиките на супер продуктивните луѓе.

Во студијата биле опфатени 7.000 испитаници, а се покажало дека способноста за предвидување и решавање на проблеми е главна карактеристика на најпродуктивните луѓе.

Тоа е способноста да ја согледаме ситуацијата и да кажеме ОК, ова звучи како супер план, но што може да се испречи на патот, т.е. да тргне наопаку. Ако можете да ги предвидите овие препреки тогаш сте на добар пат да решавате проблеми. Но, проблемот е во тоа што многумина ретко ѝ пристапуваат на задачата помислувајќи што може да тргне наопаку.

Постојат голем број предизвици со кои се соочувате на работното место – од преговори за плата, воспоставување на рамнотежа помеѓу работата и животот, справување со тешки шефови или колеги. Но, постојат вештини со коишто може да се олесни притисокот од ваквите предизвици. Меките вештини (добра комуникација, лидерски вештини, управување со време…), иако не се стекнуваат преку формално образование, се важни за постигнување на успех. Една од најважните животни вештини е решавањето на проблеми.

Вашиот став и расположение влијае врз вашиот живот. Ако сте личност која ги решава проблемите самоуверено, искрено и емоционално, тогаш вашите колеги ќе ве гледаат со голема почит. Решавањето на проблемите со позитивен став е од суштинско значење за постигнување на успех во кариерата.

При решавањето на проблемите важен е компромисот. Ако сакате да постигнете договор со личност која има поинакво размислување од вашето, треба да развиете ментална флексибилност.

Добра комуникација и добар слушател

Добрата комуникација овозможува да ги разберете идеите подобро и јасно да ги пренесете своите мисли. Без добра комуникација решавање на проблемите е невозможно. Внимателно избирајте ги зборовите, споделете ги прво главните точки и идеи, а потоа навлезете во детали и специфичности.

Од голема важност е да се развие вештината за слушање за да станете експерт во решавање на проблеми. Слушнете што има да каже другата страна.

Фото: Pexels