Која земја во Европа има најмногу милијардери?

212

На листата на милијардери на магазинот Forbes за оваа година се најдоа вкупно 628 милијардери од Европа, што е повеќе во споредба со 2020 година кога на Стариот континент имало 511 милијардери. За само една година успеале да си го зголемат богатството за 797 милијарди долари

Французинот Бернард Арно е најбогат во Европа, а трет најбогат на планетата. Неговото богатство благодарение на LVMH се проценува на околу 150 милијарди долари. Втор најбогат во Европа е Шпанецот Амансио Ортега, со богатство од 77 милијарди долари. Трета е сонародничката на Арно, Франсис Бетенкор Мејер, која има богатство од 73,6 милијарди долари, бидејќи е наследник на L’Oreal.

Анализирано по земји, Германија има најмногу милијардери од сите земји во Европа. Според Forbes, оваа година има 136 милијардери наспроти минатата година кога имало само 107. Вкупното богатство на германските милијардери се проценува на 625 милијарди долари за оваа година, додека една година претходно беше 447 милијарди долари. На врвот на листата најбогати во Германија се најдоа сопствениците на супермаркетите Aldi и Lidl.

Со 117 милијардери годинава, втора европска земја е Русија. Минатата година во русија имало “само“ 99 милијардери. Денес, богатството на најбогатите во Русија се проценува на 583,9 милијарди долари, наспроти 385,1 милијарда долари во 2020 година. Најбогат Русин е “челичниот“ магнат Алексеј Мордашов, чие богатство се проценува на 29,1 милијарда долари.

Трета европска земја по бројот на милијардери е Велика Британија со 56 на број и вкупна вредност на имотот од 213,9 милијарди долари. Џејмс Ретклиф со богатство од 17 милијарди долари е најбогат во Обединетото Кралство оваа година.

Потоа следат: Италија со 51 милијардер и вкупно богатство од 204,5 милијарди долари, Франција со 42 милијардери и богатство од 512,2 милијарди долари, Шведска со 41 милијардер и богатство од 182 милијарди долари, Швајцарија со 40 милијардери и богатство од 145,5 милијарди долари и Шпанија со 30 милијардери и богатство од 137 милијарди долари.

Фото: Pexels