Колегијалност

797

kolegi

Фото: Pixabay

Уште од првиот ден на работните места ние се запознаваме со формалниот кодекс на организацијата. Скоро секаде се дефинирани кодексот на облекување, начинот на работа, односно, нашите претпоставени не запознаваат со сето она што ни е дозволено или не во нашата организација.

Формалниот дел е оној кој сите ние го почитуваме како дел од правилата на организацијата по кои треба секојдневно да играме, но што е со неформалниот дел?

Неформалното однесување, начинот на кој ние како личности се претставуваме пред нашите колеги, нашите претпоставени и клиентите е тоа што не издвојува од сите останати. А токму домашното воспитување, културата, начинот на живеење… сето тоа не дефинира кои сме и како се однесуваме кон себе и останатите.

Организациите имаат способност како и некое живо битие да оформат начин на функционирање помеѓу нејзините членови. И секоја е различна, секоја функционира во зависност од нејзината структура и припадниците. Почнувајќи од ритуалот на групното пиење на утринско кафе, прераскажувањето на случките од поминатиот викенд, мини паузите за некое цигарче или дишење чист воздух, сето тоа претставува дел од неформалните ритуали кога колегите комуницираат, се дружат меѓу себе.

Колегијалност  – да се биде другарски, пријателски расположен со останатите колеги. Да се биде солидарен…

Ова е основната дефиниција за терминот. А што всушност значи?

Дали сме добри колеги ако се придржуваме кон оние непишани правила… секој ден ги отпоздравиваме сите, пиеме заедно кафе, покажуваме интерес за животите на другите, ги споделуваме приватните случки, ги фалиме добро завршените задачи…

Кога ќе подразмислиме, поминуваме 40 часа и повеќе во текот на една недела токму со колегите, живеејќи и дишејќи го истиот воздух… Ние претставуваме повеќе од организација, ние сме некој вид на семејство. Се грижиме едни за други, често и си помагаме, се почитуваме или, не е се така идеално?

Идеални услови во кои сите ние би работеле би биле доколку би имале работни места каде работните задачи не би ни зависеле од никој друг освен од самите нас, доколку нашата работа би ни била платена дирекно од учинокот (како и на сите околу нас), а раководните лица би биле само надзорници во нашата работа… Звучи совршено, но знаеме дека совршенството е за бајките или среќлиите.

Велат, вистинската информација злато вреди, а таа често знае да биде злоупотребена од нашите колеги, кои мораме да ги гледаме како наши конкуренти. Зошто?

Тероријата за Homo economicus, за која често се говори, секој ден се повеќе и повеќе преовладува со човековите битија. Секој е себичен, тоа е факт! Човекот опстанал затоа што се борел за подобро, за себе, за своето потомство… Тоа однесување постои во нас и не е изоставен дел од нас и на работите места. Борбата за подобра позиција, подобра плата, подобри услови за работа секој пат го активира себичниот дел од нас и ни дозволува да се оправдаме себеси за причината поради која “газиме” другите.

“Кога велам јас, всушност мислам на ние, кога велам ние, мислам на нас “ – ова клише кое често се сретнува на некоја свадбена покана во која “колегите” од новокомпонирана брачна заедница веруваат во способноста да ги делат животните предизвици е тотална спротивност од реалноста на работните места. Таму скоро сите се соочуваме со фразата “кога мислам на нас, јас велам јас”.

Можеби најдобрата ситуација во која проценуваме каков е всушност некој од нашите колеги е секако кога треба да извршиме заедничка задача или му помагаме на колегата (во име на колегијалноста). Тогаш тој има шанса да го покаже вистинското лице, односно, дали заслугите за добро или лошо завршената задача ќе бидат само и само негови или ќе не спомне и нас како дел од успехот или катастрофата. Колку год некој да се преправа за тоа кој е, вистинското лице сепак го покажува во овие моменти, нели?!

Пофалбите, критиките, добрата комуникација, условите за работа, раководителите, но пред се добрите колеги, сето тоа многу ни значи. Некогаш можеби работиме во компанија каде платата ни е пониска од некоја друга во истиот сектор, но токму окружувањето во кое се наоѓаме и приврзуваме не ни дозволува така лесно да се откажеме од неа.

Од една страна, се би било едноставно кога сите би работеле само со машини, но колеги си се колеги, во добро и во лошо, а ние сме тука за да се прилагодиме.