Колкава е минималната плата во земјите од регионот?

290

Работниците во Македонија кои се „на минимална плата“ добиваат 367 евра месечно. Ниту еден работник не може да биде платен помалку од оваа задолжителна минимална плата.

Оваа година е многу важна и за сите работници во земјите од Европската унија бидејќи новата директива на ЕУ за минимални плати треба да стапи во сила до 15 ноември. Целта на оваа директива е минималната плата на меѓународно ниво да биде 60 отсто од просечната плата.

Дваесет и две од 27 земји-членки на Унијата имаат воспоставено национален минимален приход, што значи дека работодавците во овие земји се обврзани со закон да не плаќаат помала од националната минимална плата.

„Од 10 земји кандидати и потенцијални членки на ЕУ, седум имаат национална минимална плата – Македонија, Црна Гора, Молдавија, Албанија, Србија, Турција и Украина“, се наведува во извештајот на Евростат, додавајќи дека „сите земји кандидати и потенцијални кандидати со националната минимална плата, за која се достапни податоци, има минимални плати кои се движат од 185 евра во Украина до 568 евра во Турција“.

Според податоците на Евростат, во јули 2024 година минималните плати во земјите на Европската унија се движеле од 477 евра месечно во Бугарија до 2.571 евро месечно во Луксембург.

Кога станува збор за земјите од регионот по висината на минималмата плата, по Србија е Албанија со минимална плата од околу 354 евра годинава, потоа Босна и Херцеговина со минимална плата од 316 евра и Македонија со минимална плата од 367 евра.

Македонија

Работниците во Македонија кои се „на минимална плата“ добиваат 367 евра месечно. Ниту еден работник не може да биде платен помалку од оваа задолжителна минимална плата.

Србија

Минималната плата во Србија во 2025 година ќе изнесува 458 евра, што е за 13,7 отсто повеќе од минималната плата за тековната година. Според последните податоци, 114.000 работници во Србија земаат најниски плати. И со договореното зголемување на минимумот за следната година, Србија остана на средината на листата во однос на земјите од регионот и далеку под развиените земји од Европа.

Црна Гора

Според податоците на Управата за статистика, во Црна Гора во 2023 година имало 244.484 вработени, а околу 50.000 од нив земаат минимална загарантирана плата – 450 евра. Но, владата на Црна Гора најавува нова фискална стратегија со која минималната плата од октомври 2024 година во просек треба да биде 700 евра.

Хрватска

Од јануари 2024 година, минималната плата во Хрватска е 677 евра нето месечно.

„Владата донесе Уредба за висината на минималната плата за 2024 година, со која таа плата е 840 евра бруто, а нето минимумот треба да биде околу 677 евра. Сегашниот износ на минималната плата е 700 евра бруто, така што минималната плата ќе се зголеми за 140 евра бруто или 20 отсто“, истакна во октомври минатата година хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Според податоците на Министерството за труд на Хрватска, во октомври минатата година минимална плата земале околу 21.000 работници, што е значително помалку од една година порано кога минимална плата земале 100.000 работници.

Босна и Херцеговина

Најниската плата за периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година во Федерацијата БиХ е 619 конвертибилни марки. Ова е утврдено со одлуката за висината на најниската плата за 2024 година, која Владата на Федерацијата на Босна и Херцеговина ја донесе на 46-та итна седница, одржана на 29 декември 2023 година, по консултација со Економскиот и Социјален совет.

Словенија

Минималната плата во Словенија во 2024 година изнесува 1.253,90 евра бруто. Лани беше 1.203,36 евра бруто. Минималната плата во Словенија е одредена во согласност со Законот за минимална плата на оваа земја.

Во 2022 година минималната плата во Словенија беше 1.074,43 евра, а во 2021 година минималната плата беше 1.024,24 евра. Пред десет години – во 2014 година, словенечката минимална плата беше 789,15 евра.