Колку чини куќа на море во Грција, Хрватска, Црна Гора и Турција?

505

Во последниот период расте интересот за купување недвижнини на море. Најмногу се купуваат мали апартмани до 30-тина квадратни, а цените се разликуваат од земја до земја.

Српски Блиц пишува дека за гарсониера од 30 квадрати во Црна Гора треба да се одвојат околу 50.000 евра ако станува збор за стара градба, а ако се работи за нова градба тогаш тоа чини двојно повеќе. Според податоците, цените на квадрат на црногорското приморје се движат од околу 1.500 евра, па нагоре. Во понудата може да се најдат гарсониери по цена од 46.600 евра во Будва, оддалечени 400 метри од плажа.

Во Хрватска, за мал стан од 30 квадрати треба да се платат над 96.000 евра или повеќе од 3.200 евра по квадрат. Хрватското приморје, како што пишува Блиц, ги имаат најскапите недвижнини од избраните земји. На Хвар еднособен стан, сместен околу 300 метри од плажа, со површина од 39 квадрати, во зграда што има своја градина и резервиран паркинг, чини 130.000 евра или околу 3.333 евра за квадрат. Во Ровињ, стан од 30 квадрати, на 200 метри од плажа, чини 95.000 евра.

За недвижнина со иста површина, со тераса од околу 10 квадрати, во Грција, односно на Халкидики треба да се одвојат околу 1.250 евра за квадрат или околу 50.000 евра. Цените на апартманите и гарсониерите во Грција се движат од 1.000 евра, па нагоре. Често може да се најдат и реновирани куќи по багателни цени. Па така, комплетно реновирана куќа со голема тераса, на околу 200 метри од плажа, во Неа Каликратија, се продава по цена од 51.000 евра.

Ако некој сака да купи недвижнина во турскиот туристички град Аланија, тогаш треба да се планираат од 35.000 до 60.000 евра, во зависност од објектите коишто се претежно нови градби. За апартман, оддалечен околу 700 метри од крајбрежјето, од 36 метри квадратни, потребно е да се одвојат 35.000 евра, што е прилично поволно ако се земе предвид дека е во комплекс што има затворен и отворен базен, турска бања, сауна, фитнес и игралиште.

Фото: Pixabay