Колку го чини просечниот Британец погребот на кралицата Елизабета?

78

Денеска напладне почна државниот погреб на кралицата Елизабета Втора, британскиот монарх кој на тронот беше 70 години.

Несомнено, смртта на Елизабета Втора, која почина на 8 септември на 96-годишна возраст, погоди многу Британци и добар дел од светот, но не може да го игнорираме фактот дека Британија се соочи со овој немил настан среде економски колапс, кога фунтата е на најниско ниво во последните 37 години.

Трошоците за погребот на кралицата секако не се мали и ќе се одразат на и онака ранливиот државен буџет.

Економски гледано, колку ги чини Британците да ја погребаат својата сакана кралица?

Според порталот albawaba.com, трошоците за цели 10 дена од 11 дена жалост ги покрива кралското семејство, додека тековниот еднодневен државен погреб ќе го покрие владата на Обединетото Кралство.

Се проценува дека само погребот ќе ја чини владата повеќе од 9 милиони фунти, доколку се верува на тврдењата на поранешниот службеник на кралското обезбедување.

Иако оваа бројка ги покрива подготовките за самиот погреб, ковчегот на кралицата, како и трошоците поврзани со пристигнувањето на локални и меѓународни лидери да присуствуваат на погребот, бројката сепак претставува една од најголемите еднодневни трошоци во историјата на Обединетото Кралство.

Медиумски извори, исто така, истакнаа дека државниот погреб ќе биде една од најголемите полициски операции во Британија.

И додека цената на погребот покренува многу прашања за способноста на британската економија да преживее толку големи трошоци, во време кога страда од најлошата инфлација во последните 40 години (надминува 10% во август), многумина забележуваат дека 12-дневната жалост имаше уште попогубно влијание врз Обединетото Кралство и граѓаните.

Како што пренесува AJ+, смртта на кралицата ќе ја чини британската економија 6 милијарди фунти, што ги покрива не само трошоците за погреб, туку и крунисувањето на кралот Чарлс III, како и трошоците за сите промени што се очекуваат во земјата за време на новата ера на монархијата, вклучувајќи патни документи, монети и многу повеќе.

Пресметано е дека станува збор за 90 фунти по човек, ако се земе предвид 65-милионската популација.

Се стравува и дека прекинот на економските активности што се претпоставува денеска – на денот на државниот погреб, ќе има негативно влијание врз економијата на Велика Британија. Потсетуваме дека Хитроу ги суспендираше сите летови за 19 септември.

Експертите укажаа на пад од 0,6% на БДП на Обединетото Кралство минатиот јуни, поврзан со националните прослави на платинестиот јубилеј на кралицата и други јубилејни церемонии одржани во текот на месецот.

Сегашните проценки, пренесени од Fox Business, велат дека денешното „затворање“ на економијата ќе ја чини Британија околу 2,6 милијарди долари. Иако, се очекува пораст на туризмот, но можеби нема да биде доволно профитабилен – да ги надомести загубите.