Колку години од животот поминуваме гледајќи во екранот на мобилниот телефон

29

Мобилните телефони веќе долги години се дел од нашето секојдневие, а животот без нив е речиси незамислив. Ги користиме за работа, за навигација, но и за забава.

Просечно, луѓето најмногу се задржуваат на социјални мрежи како Instagram, а потоа на електронска пошта и веб-страниците за онлајн-пазарење. Пандемијата веројатно придонесе да поминуваме повеќе време пред екраните, но веројатно ќе се изненадите колку време просечно трошиме на телефон.

Истражување спроведено од веб-страницата за споредба на телефони Висл аут го открива одговорот. Анализата била направена на 1.000 корисници на телефони, а според нивните навики, една личност просечно поминува 9 години од животот користејќи мобилен телефон.

Истражувачите претпоставиле дека децата најчесто добиваат телефон кога се на 10-годишна возраст, а дека еден човек дневно поминува околу 3 часа на телефон.

Има разлики и помеѓу генерациите. Лицата родени од 1981 до 1996 година поминуваат една четвртина од времето кога се будни на телефон. Лицата родени од 1965 до 1980 поминуваат околу 16,5 отсто од времето на телефон, а за лицата родени помеѓу 1946 и 1964 процентот изнесува 9,9.

Во часови, милениумците поминуваат просечно 3,7 часа дневно на телефон, средната генерација 3 часа, а постарите генерации поминуваат просечно 2,5 часа дневно на телефон.

На годишно ниво, милениумците трошат 56 дена држејќи телефон во раката, додека најстарата генерација 39 дена.