
Првиот електричен автомобил на познатата компанија Ферари ќе чини најмалку половина милион евра, изјавил за Ројтерс добро информиран извор.
Оваа информација, која производителот на луксузни автомобили сè уште официјално не ја потврди, беше објавена за време на подготовките за отворање на нова производна линија во Маранело во северна Италија.
Фабриката во градот каде компанијата почна да ги произведува своите први автомобили би можела да го зголеми производството за една третина, пишува Euronews.
Шпекулираната цена на првиот електричен автомобил е далеку од просечната цена за другите возила од овој производител и не вклучува специјални додатоци, кои обично ја зголемуваат конечната сума за 15 до 20 проценти. На почетокот на оваа година автомобил со препознатливото лого на Ферари чинеше во просек 350.000 евра, заедно со додатоци и персонализирани детали.
За споредба, помалку ексклузивниот модел на куќата Porsche – Taycan чини од 100.000 евра нагоре.
Ексклузивноста е во срцето на брендот Ферари, поради што минатата година беа испорачани помалку од 14.000 автомобили.
Затоа, зголемениот производствен капацитет е храбар потег за компанијата, иако многумина веруваат дека високата цена и овозможува на куќата да го задржи својот елитен статус.












