Колку луѓе се евидентирани на првиот ден од пописот

49

Започна третиот попис на три дена пред одбележувањето 30 години независност на Репубика Северна Македонија. Во текот на вчерашниот ден попишани се 91.681 лица, 28.355 домаќинства и 37.404 станови што претставува повеќе од успешен почеток на најголемата статистичка операција во земјава.

Пописот започна без одбивање за попишување од страна на граѓаните, а не бил пријавен ниту каков било технички проблем, изјави вчера директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.

Ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации кои мора да ги покажат.

Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.

Земјата е поделена на 50 пописни реони, а за подготовка, организација и спроведување е задолжен Државниот завод за статистика. Во организацијата и спроведувањето на Пописот учествуваат и Советот за статистика, комисиите за пописните реони, државните инструктори, реонските инструктори, реонските попишувачи и други учесници согласно одредбите од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021.