Колку луѓе во јули имале пензија од 53.691 денар?

78

Во јули оваа година, 34 пензионери биле корисници на највисоката пензија во земјава за тој период во висина од 53.691 денар, покажуваат податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во земјава.

Од 323.630 пензионери во земјава, 0,75% примаат максимална пензија (од 39.592 до 53.691 денари). Најголем процент, односно 63,48% од пензионерите во земјава примаат пензија од 11.934 до 39.592 денари. Над 28% од пензионерите во земјава, според податоците, примиле пензија во висина од 9.751 до 11.934 денари, што е во граници на минималната пензија. Под 9.751 денари пензија имале 7,49% од пензионерите во земјава.

Кога ќе се направи пресек на примателите на максимална пензија (од 39.592 до 53.691 денар), се доаѓа до вкупна бројка од 2.433 пензионери. Од нив, 2.288 имаа старосна пензија, 51 инвалидска пензија, а 94 семејна.

Кај минималната пензија (од 9.751 до 11.934 денари) има вкупно 91.516 приматели, од кои 44.183 имаат старосна пензија, 37.051 семејна и 10.282 инвалидска пензија.

До минималната пензија од 9.751 денари имаат 24.253 граѓани, од кои повеќе од половина или 12.889 се корисници на старосна пензија, 8.812 на семејна и 2.552 на инвалидска пензија.

За потсетување: Од наредниот месец треба да почне процесот за донесување нов закон за пензионирање согласно кој во пензија ќе мора задолжително да одат сите лица со навршени 64 години. Исклучок од ова се здравствените работници – лекари и медицински персонал, како и кадри од областа на високото образование.

Фото: Freepik