Kолку паднаа приходите на Твитер по преземањето на компанијата од Маск

72

По преземањето на Твитер од Маск, некои огласувачи привремено (или долгорочно) се откажаа од рекламирањето на таа платформа, па беше јасно дека компанијата не може да очекува добри финансиски резултати за последниот квартал. За падот на приходите дознавме оваа недела благодарение на медиумските извештаи, а не на официјалните податоци на компанијата.

Како што објасни шефот на глобалната продажба и маркетинг Крис Риди во разговор со вработените, приходите на компанијата во последните три месеци од минатата година изнесуваат нешто повеќе од една милијарда долари, што е само 72 отсто во споредба со внатрешните планови на компанијата за тој период. Во споредба со истиот период една година претходно, Твитер забележа пад од дури 35 отсто. Иако, по сите бурни настани во изминатите неколку месеци кога Маск и Твитер беа една од главните теми во медиумите и кога скоро секој ден некоја нова компанија престануваше да се рекламира на таа мрежа, минусот беше очекуван, но сепак е прилично значителен пад.

Компанијата на Маск не очекува подобрување ниту на почетокот на оваа година. Внатрешната цел на тимот на Твитер е поставена на 732 милиони долари приход за првиот квартал од оваа година, што е пад од речиси 40 отсто во споредба со истиот период во 2022 година.

Покрај вообичаените виновници за повеќето проблеми со компаниите во последно време (инфлацијата и војната во Украина), Риди ги спомена и нивните внатрешни проблеми со воведувањето на претплатата за Twitter Blue, што влијаеше и на падот на приходите.

Сидарт Рао, еден од менаџерите во оваа социјална мрежа, уште порано предупреди на проблемите со големиот пад на приходите на Твитер. Тој рече дека дневните приходи на компанијата се намалени за 40 отсто во споредба со истиот период минатата година и дека дури повеќе од 500 клучни огласувачи го паузирале трошењето на нивната платформа откако Маск ја презеде контролата врз компанијата.