Златото како благороден метал “блесна“ во полн сјај во услови на криза, бидејќи инвеститорите во него гледаат сигурно вложување. На глобално ниво, извозот на злато минатата година достигна вредност од 295,4 милијарди долари или пад од 3,2% во споредба со 2018 година, покажуваат податоците на World’s top exports.
Швајцарија го има приматот на најголем извозник со удел од 21% или заработка од 62 милијарди долари. Во топ петте најголеми извозници на овој благороден метал лани беа и: Хонгконг (25,2 милијарди долари), Велика Британија (23,3 милијарди долари), Обединети Арапски Емирати (17,7 милијарди долари) и САД (17,2 милијарди долари).
Од земјите во регионот, Хрватска лани извезе најмногу злато и тоа 40,5 милиони долари. Потоа следуваат: Словенија (30,4 милиони долари), Бугарија (29,9 милиони долари), Србија (27,3 милиони долари) и Грција (24,6 милиони долари).
Увозот на злато лани се позиционираше на 306,2 милијарди долари или 0,1% повеќе во споредба со 2018 година. Пет најголеми увозници на овој благороден метал лани беа: Велика Британија (70,8 милијарди долари), Швајцарија (60,7 милијарди долари), Кина (43,9 милијарди долари), Индија (32,2 милијарди долари) и Хонгконг (14 милијарди долари).
Земјава е 108-ма во светот по увоз на злато што лани имаше вредност од 95.000 долари или раст од 533,3% во однос на 2018 година.
Словенија од земјите во регионот има најголем увоз лани во висина од 32,5 милиони долари. Потоа се: Хрватска (20,7 милиони долари), Бугарија (12,8 милиони долари), Грција (9,3 милиони долари) и Србија (8,4 милиони долари).
Фото: Pexels











