Колку сме “моторизирана“ нација?

75

Меѓу земјите членки на Европската унија, Луксембург е “најмоторизирана“ нација, бидејќи има 676 патнички автомобили на 1.000 жители во 2018 година, покажуваат податоците на Eurostat.

На овие бројки, според податоците, свој удел имаат и странските работници кои имаат регистрирано автомобил во Луксембург.

Зад Луксембург, се најдоа Италија со 646 автомобили на 1.000 жители, Кипар и Финска со по 629 автомобили на 1.000 жители.

За разлика од нив, најмала е стапката во Романија (332 автомобили), Латвија (369) и Унгарија (373 автомобили).

Во Македонија, според податоците на Eurostat, има 200 возила на 1.000 жители, што е под европскиот просек. Кај земјите во регионот, ситуација е следна: Бугарија (396 возила на 1.000 жители), Хрватска (409 автомобили на 1.000 жители) и Словенија (549 возила на 1.000 жители).

Во 2018 година, највисок број на регистрирани патнички автомобили има во Германија со 47 милиони автомобили. Потоа следуваат: Италија (39 милиони автомобили) и Франција (32 милиони автомобили).

Во однос на старост на возниот парк (над 20 години стари возила), меѓу земјите членки најголем е уделот на Полска, каде 36,5% од возилата што се возат се произведени пред 2000 година. Потоа следуваат: Естонија (29,6%), Финска (25,2%), Романија (21,4%) и Малта (20,8%). За нашата земја нема таков податок.

“Најмлад“ возен парк (возила не постари од две години) најмногу имаат: Ирска (29,2%), Луксембург (23,8%), Данска (23,3%) и Белгија (23,1%).

Фото: Freepik