Колку “тежат“ најбогатите Американки?

39

Фото: Pixabay

Магазинот Forbes направи листа на најбогати самостојни жени во Америка, на којашто се најдоа вкупно 80 жени или една третина повеќе во споредба со минатата година.

На врвот на листата се најде 72-годишната Дајан Хендрикс, чие богатство се проценува на седум милијарди долари. Таа е претседател на компанијата ABC Supply, што се занимава со продажба на градежни материјали.

На вицешампионското место се најде 62-годишната Мег Вајтман со нето богатство од 3,8 милијарди долари од eBay. Зад нејзе се најде Мериен Илич, која има 86 години и богатство од 3,7 милијарди долари.

Од попознатите јавни личности, Опра Винфри е 10-та, а нејзиното богатство е проценето на 2,6 милијарди долари. Од козметичката индустрија се издвои 21-годишната Кајли Џенер чие богатство достигна една милијарда долари. Пејачката од Барбадос, Ријана е на 37-мо место со 600 милиони долари на нејзината сметка, а нејзината поискусна колешка Мадона е две позиции подолу со богатство од 570 милиони долари.

Модната дизајнерка Вера Ванг има на располагање богатство од 460 милиони долари, додека канадската пејачка Селин Дион има 450 милиони долари на својата сметка, со што е 46-та најбогата самостојна жена во Америка.

Меѓу 80-те најбогати Американки се најдоа и овие познати личности: Бијонсе Ноулс (400 милиони долари), Барбара Стреjсенд (400 милиони долари), Ким Кардашијан (370 милиони долари), Тејлор Свифт (360 милиони долари)…

На дното на оваа листа се најдоа: актерката Рис Витерспун со богатство од 240 милиони долари, Ангела Арент со 230 милиони долари и тенисерката Серена Вилијамс со 225 милиони долари проценето богатство.