Колку заработи „Стариот лисец“ од акциите на Apple

120

Инвестицијата на Ворен Бафет во Apple може да биде една од неговите најдобри инвестиции, заработувајќи повеќе од 120 милијарди долари, додека технолошкиот гигант собори уште еден рекорд и ја надмина пазарната вредност од 3.000 милијарди долари оваа недела.

Конгломератот на Бафет, Беркшир Хатавеј, почна да купува акции на Apple во 2016 година, а до средината на 2018 година акумулираше 5 отсто сопственост во производителот на iPhone, удел кој тогаш чинеше 36 милијарди долари. Оттогаш, вредноста на акциите на Apple порасна, па на почетокот на 2022 година, уделот на Бафет вреди дури 160 милијарди долари.

„Без сомнение, тоа е една од најсилните инвестиции што Беркшир Хатавеј ги направи во последната деценија“, рече Џејмс Шанахан, аналитичар во Едвард Џонс.

Беркшир уживаше и редовни дивиденди во просек од околу 775 милиони долари годишно. Според пресметките на InsiderScore.com, уделот на Беркшир во Apple сега изнесува повеќе од 40 отсто од неговото портфолио на капитал.

Милијардерот инвеститор го нарече Apple „трета најголема зделка“ за Беркшир, по нејзините интереси во осигурувањето и железницата.