
Извршниот директор на швајцарската мултинационална инвестициска банка UBS, Серџо Ермоти, минатата година беше најплатен банкар во Европа со заработка од 14,9 милиони швајцарски франци или околу 15,6 милиони евра.
Неговата заработка е значително поголема од просечната заработка на челниците на десетте најголеми банки во Европа, која изнесува 7,6 милиони евра.
Според пресметките на агенцијата Блумберг, на второ место е извршниот директор на италијанската банка Уникредит Андреа Орсел со заработка од 13,2 милиони евра.
Орсел може да се пофали и со годишен раст на платите од 32 отсто, што е најголем скок на приходите кај оваа категорија банкари.
Трет на листата на Блумберг е извршниот директор на Дојче банк, Кристијан Зевинг, со заработка од 9,8 милиони евра во 2024.
Ненадеен скок на цените на акциите на европските банки
Минатата година многу банки во Европа остварија неверојатни профити благодарение на зголемените каматни стапки, што им овозможи да ги зголемат провизиите.
Цените на акциите на европските банки нагло скокнаа и нивниот раст дополнително се забрза во првиот квартал од оваа година.
Извршниот директор на Банко Сантандер, Хектор Гризи го зазеде четвртото место со заработка од 8,6 милиони евра, пред лидерот на шпанска ББВА, Онур Генц и првиот човек на Интеса Санпаоло, Карло Месина, кои заработија по 7,3 милиони евра.
Седмото место го зазеде извршниот директор на француската Сосиете Женерал, Славомир Крупа со приход од пет милиони евра, а на осмата позиција е Жан Лоран Бонафе од банката БНП Парибас со 4,2 милиони евра.
Во првите десет се и извршниот директор на холандската ИНГ Стивен ван Рајсвијк со 2,7 милиони евра, како и Филип Брасак од француската банка Креди Агрикол со 2,6 милиони евра.
Фото: Pixabay