Комецијална банка доби согласност од КХВ за акции во Публикум Инвест

51

downloadНа последната седница на Комисијата за хартии од вредност Комерцијална банка доби согласност да стекне акции во Друштвото за управување со инвестициски фондови КБ Публикум Инвест, чиј вкупен кумулативен износ надминува 50%.

Од денот на добивање на решението ќе започне да тече законскиот рок од 90 дена во кои Комерцијална банка ќе треба да се стекне со акциите.

На последната седница, КХВ даде согласност и Василка Николовска да биде именувана за раководител на Одделот за работа со хартии од вредност во ТТК Банка со мандат од шест години. Таа и досега беше на оваа позиција.

КХВ ги одобри и правилата за формирање и начинот на користење на Гарантниот фонд на Централниот депозитар за хартии од вредност. Со нив, се овозможува средствата на Гарантниот фонд да се активираат на денот на предвиденото порамнување преку воведување на втор циклус на порамнување, кој би се одвивал само во случај на неисполнување на услови за порамнување на паричната страна во утврдениот термин, при што последниот рок за уплата би бил истиот ден.

“На ваков начин, сите активности кои ЦДХВ ги спроведува се концетрирани во еден ден, со што се зголемува сигурноста на инвеститорите и се намалува ризикот од непорамнување, согласно роковите утврдени при склучувањето на трансакцијата. Истовремено, се избегнува и привремено  исклучување на членките од членство во Депозитарот и тоа во случај на непорамнета трансакција од технички причини од страна на деловните банки, со што се креира лош репутациски имиџ и за членките на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје и за пазарот на хартии од вредност во Република Македонија”, стои во соопштението од КХВ.