Компаниите бараат поедноставување на процесот за поставување фотоволтаици на објектите во ТИР зоните

68

Зголемувањето на цената на електричната енергија донесе четири и пол пати повисоки сметки за струја кај компаниите од автомобилската индустрија, чии објекти иако се енергетски ефикасни преку оптимизирање на производствениот процес бараат начин за намалување на влијанието врз профитабилноста.

Овие компании, според претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, Виктор Мизо, бараат поедноставување на процедурите за поставување фотоволтаици на објектите.
– Да нема лимит на големината на инсталацијата на фотоволтаиците на кровните конструкции на објектите, а истовремено да се дозволи можност за продажба на вишоците на струја на слободниот пазар, посебно за компаниите во Технолошко индустриските развојни зони, вели Мизо.

Иако дел од компаниите, неодамна најавија отпуштање на половина вработени, доколку не добијат помош од државата за надминување на последиците од енергетската криза, тој посочи дека секторот со кој раководи, не е толку зависен од цената на струјата како што се металуршкиот и енергетскиот и оти германската компанија Костал, со која менаџира планира 50-тина нови вработувања до крајот на годината.

– Струјата не влијае во толку голем процент во цената на крајниот производ кај нас и нема да се случи отпуштање на вработени. Ние дури и во моментите кога немаше целосно производство во Европа ги задржавме сите вработени, бидејќи во тој кадар е вложено многу и е нeопходен за нашето работење во иднина. Но, сигурен сум дека постојат компании, кои ќе имаат негативни влијанија, подвлече Мизо.

Компаниите од автомобилската индустрија, додаде, бараат начин за штедење и рационализација на работниот процес, со концентрирање на производството во петте работни дена, но и спојување на празници и викенди и оптимизација на процесите, со што би се намалиле трошоците.
Компанијата Костал, која деновиве одбележува шест години од официјалниот почеток, во време на криза, Мизо најави дека за идната година планира да вработи дополнително 200 лица, поради новите инвестициски проекти, но и отворање нови капацитети во друг град во државата.

– Според последните стратешки анализи на сите локации на Костал во светот, Костал Македонија треба да биде главната европска локација за производство на системи за електрични и плагин хибридни возила. Ова значи една голема потврда и валоризација за она што сме го направиле изминатите шест години и начинот на кој сме се покажале во групацијата, додаде Мизо.

Костал Македонија, во изминатиот период во Охрид инвестирала 100 милиони евра, во моментот има 1. 030 вработени, и навлегува во третиот инвестициски циклус со инвестирање на нови 50 милиони евра во следните две години.