Стопанствениците побараа пониски камати и долгорочни кредити за капитални инвестиции. Тие пред гувернерот Димитар Богов, на презентацијата на проекциите на Народна банка на Република Македонија пред членките на Стопанската комора на Македонија, излегоа со став дека е невозможно да се градат хали, погони и машински паркови со краткорочни заеми до пет или седум години. Освен каматите, на фирмите голем проблем им се и високите провизии.
Богов истакна дека референтната каматна стапка е на рекордно ниско ниво, што е еден од условите за пониски кредити, како и дека сегашните кредити на банките се на пониско ниво во споредба со минатото, но укажа дека врз каматите влијаат и други фактори, како што се цената на капиталот, маржата за заработувачка, обезбедувањето од ликвидност и ризик.
Богов изрази уверување дека во наредниот период, во кој се очекува заздравување на европската економија и под услов да нема некои непредвидени шокови во светската економија, ќе продолжи нагорниот тренд на македонската економија, а во 2014 година ќе биде затворен негативниот производствен јаз.
Гувернерот очекува во наредниот период економскиот раст да биде воден од инвестициите, извозот, како и од зголемената домашна побарувачка. Тој оцени дека инфлацијата се очекува да остане ниска, дефицитот во трговската размена, кој е намален од 23% на 21% БДП да остане на тоа ниво, додека се очекува зголемување на дефицитот во тековната сметка, кој сега е паднат на 3%.
Богов ги повтори ревидираните оценки на Народната банка изнесени минатата недела, според кои се очекува Македонија годинава да оствари стапка на раст од 3,3%, во наредната 3,7%, а во 2015 растот да достигне 4,4%.