Компаниите кои без објективни причини не ги намалуваат цените не треба да добиваат субвенционирана струја, смета Ковачевски

95

Сметам дека за компаниите кои не го почитуваат џентлеменскиот договор меѓу Владата и стопанските комори за намалување на цените на нивните производи, не треба да важи мерката за набавка на електрична енергија по субвенционирана цена, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Доколку нема објективни причини за тоа да не бидат намалени цените и покрај субвенционираната цена на електрична енергија, тогаш нормално дека нема да добиваат субвенционирана цена на електрична енергија, бидејќи таа електрична енергија ја субвенционираат граѓаните на државата. И тоа се средства на граѓаните за да може да се намалат цените на производите, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање презентацијата на новата инвестиција на германската компанија „Гересхајмер“.

Тој потсети дека Владата во интерес на граѓаните одреди субвенционирана цена на електрична енергија за компаниите и во време кога таа чинеше 300-350 евра за мегават час, државата одлучи да им ја понуди по 80 евра за мегават час.

Премиерот, при тоа изрази благодарност до вработените во енергетските компании за зголеменото производство на електрична енергија во државата годинава за речиси 25 проценти во однос лани, што беше овозможено благодарение на фактот дека првпат по 70 години во функција се сите капацитети за производство на електрична енергија.