Компаниите кои ќе инвестираат во развој, нема да ги враќаат средствата од финансиската поддршка за плати

131

Фирмите нема да ги враќаат средствата од мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март, доколку истите ги инвестираат во наредниот период во раст и развој, без разлика дали ќе остварат добивка или загуба на крајот на годината. Ова го најави министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција на која беше презентиран Петтиот пакет антикризни мерки.

За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март предвидени се 1,92 милијарди денари. Се очекува месечно со мерката да бидат опфатени по 60.000 работници. Финансиската поддршка ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 денари до 21.776 денари по вработен. 

Како критериум за доделување на мерката ќе биде економскиот резултат, односно падот на приходите во месеците ноември и декември 2020 и јануари 2021 година, со истите месеци во 2019, односно 2020 година.

“Денес на Влада исто така ги имаме законите за исплата на плати за февруари и март. Новината во мерката во споредба со тоа што било во досегашниот период, компаниите кои покажале успех, односно оние кои имале позитивен финансиски резултат, од нивната добивка требале да ја вратат финансиската поддршка, додека тие што не прикажуваат добивка во текот на 2020 година, беа ослободени целосно од износот доколку притоа ги исполнат сите давачки кон државата. Новината која овој пакет го носи, фокусирањето кон закрепнувањето и економскиот раст, е дека без разлика дали покажуваат загуба или успех, 50% од субвенциите согласно законот треба да ги вратат следната година, освен доколку тие средства ги инвестираат наредиот период во раст и развој, тогаш ќе бидат ослободени целосно. Фокусот е на инвестиции и раст покрај поддршка на закрпенување на економијата и на приватниот сектор“, рече Бесими.

Фото: Pixabay