Компаниите почнуваат да сфаќаат дека вложувањето во заедницата не е трошок

104
Klimentina slika
Климентина Илијевски, координатор на регионалната платформа за активизам за Македонија и главен уредник на уличниот магазин Лице в лице

Воопшто не ми се допаѓа дистанцирањето од проблемите со кои се соочува општеството и тргнувањето на погледот на другата страна. На некои луѓе им е потребна помош и ние како граѓани на ова општество не смееме да замижуваме пред тој факт.

БИ: Што можете да ни кажете за проектот Лице в лице?

Требаше порано да се впуштиме во предизвикот, порано да го донесеме концептот кој што веќе години наназад постои и се развива ширум светот и носи големи придобивки за најзагрозените слоеви, за маргинализираните групи, зашто за жал, кај нас нема програми коишто ги учат бездомните лица, младинците од улица, како да уловат риба. Голем процент од нив се веќе навикнати да живеат од милостина и тешко ги менуваат навиките зашто општеството така ги програмирало. Лице в лице ги учи на нови правила на однесување, им ги менува навиките, им ја подигнува мотивацијата, прави да веруваат во себе, се обидува да ги препознае нивните квалитети за да работи на нивно усовршување. Во ова ни помага агенцијата за комуникации Ксантика, која со помош на невролингвистичкото програмирање ги подобрува нивните комуникациски и продажни вештини, ги учи како да бидат свои и како да станат конкурентни на пазарот на трудот.

promocija na noviot broj na Saem na knigaКлучната точка во реализација на мисијата е магазинот Лице в лице, кој по ист принцип како и секаде во светот се продава и во Македонија од страна на маргинализираните групи, исклучиво на улица. Половина од продажната цена оди на нивна сметка, а со останатата половина се гради систем за создавање подостоинствен и поквалитетен живот на овие групи луѓе.

Лице в лице е непрофитен, независен магазин, посветен на универзалните вредности, на социјалната правда, на принципите на еднаквост, демократија и на хуманост. Ги поттикнува и ги потенцира општествено одговорните практики на компаниите. Овие примери со задоволство ги споделуваме и во регионот, а и на страницата на мрежата на ИНСП (Интернационална мрежа на улични весници), каде што нашите примери се видливи за над 120 списанија ширум светот. Во исто време магазинот се обидува да укаже на проблемите коишто ни ја прават менталната и физичката средина контаминирана, нудејќи решенија, повикува на активизам, на промени кои првенствено треба да се случат кај поединецот. Добро е и за срце и за душа. Купувајќи Лице в лице им помагате на многумина – како што се зголемува нашиот тираж, повеќе луѓе добиваат можност да се тргнат од улицата, да се социјализираат, а читајќи Лице в лице си помагате себеси, зашто на единствен и инспиративен начин ќе сознаете дека светот може да се гледа и со други очи и дека состојбите зависат и од нас.

БИ: Списанието го продаваат социјално загрозени и маргинализирани млади луѓе. Со какви проблеми се соочија кога за прв пат излегоа на улица, но овојпат во улога на продавачи?

Улицата е нивно место и тие одлично се снаоѓаат таму. Проблематичен беше нивниот пристап кон потенцијалните купувачи, кој Ксантика постојано го усовршува кај овие младинци. Кај сите нив беше забележано дека веднаш знаат да сложат фаца и да молат да направиш нешто за нив. Дотогаш молеле за милостина, а сега се ставени во друга улога. Тие имаат производ и се обидуваат да го продадат, не со фаќање на сентименталност, туку со квалитетот на она што го нудат и со научените вештини како да продадат. Да се разбереме, ова што ние почнавме да го правиме со Лице в лице е процес и не можеме да очекуваме дека работите ќе се сменат преку ноќ. Важно ни е што се забележуваат промени, особено кај оние младинци од улица кои што се вклучени во програмата од самиот почеток, со излегувувањето на првиот број на списанието во септември. Ние секојдневно се бориме со нивните навики создавани и зајакнувани години наназад. Овде значајна улога има Центарот за згрижување деца од улица кој ги регрутира овие младинци, работи со нив веќе шест години, а програмата на Лице в лице е одлично надополнување на она што тие го направиле во изминатиов период. Тие се фокусирани на едукација и социјализација на деца, а нашата програма е наменета за младинци. Токму тогаш кога тие излегуваат од Центарот и под притисокот на економската немоќ доаѓаат во искушение да се вратат на улица, се вклучуваат во едукативната програма на Лице в лице.

Она што ние го гледавме како проблем – игнорантскиот, понекогаш и безобразен однос на некои наши сограѓани, за нив беше вообичаена работа. Тоа и не ги потресуваше многу, но таквиот однос сериозно влијае на нивната слика за себеси и зајакнувањето на чувството на помала вредност. Кога ја организиравме акцијата “15 минути во униформата на продавачот на Лице в лице“, повеќето граѓани кои се обидоа да се стават во нивна кожа беа шокирани и им оддадоа признание на продавачите за упорноста и желбата да бидат успешни во својата работа.

Но, постои една солидна бројка на освестени граѓани кои што ги поддржуваат продавачите – и со купување на магазинот, и со срдечност, и со помош во продажбата и со споделување на идејата за иницијативата во нивните колективи, меѓу нивните блиски… Заради таквите луѓе Лице в лице успешно се развива.

promocija na tretiot broj

БИ: Соработувате со Дневниот центар во Шутка. Ќе ја проширувате соработката и на други групи?

Веќе соработуваме и со Црвениот крст на Град Скопје со чија помош во програмата се вклучуваат бездомници и социјално загрозени сограѓани кои преку оваа програма економски и социјално зајакнуваат. Но, заедно со Црвен крст се обидуваме да направиме и нешто повеќе за младинците од улица. Согледувајќи дека е проблематично да се искористат сите продобивки на НЛП методот кој што се користи во едукативната програма поради големиот процент на неписмени продавачи, тие понудија свои волонтери кои работат на описменување и доописменување на продавачите на Лице в лице. Активноста се одвива во Дневниот центар на Црвен крст каде што редовно доаѓаат и пензионери кои многу позитивно влијаат на нивната социјализација. Се дружат, а најмногу сакаат со нив да играат карти и табла.

Од септември со помош на Центарот за згрижување деца на улица од Шуто Оризари сите продавачи на списанието ќе бидат вратени во образовниот процес, но проблемот е како да се обезбеди нивна редовност, а и како тие да добијат квалитетно образование. Во моментов заедно со овие две организации, а со помош на претставници од надлежните министерства, се обидуваме да најдеме начин како да ги постигнеме посакуваните резултати и мислам дека сме на добар пат да изнајдеме соодветно решение.

Од неодамна дел од мрежата на Лице в лице е и здружението Солем коешто работи со лица со пречки во развојот. Нивниот реон е општина Аеродром и одлично се носат со новата задача. Најчесто продаваат во групи и задолжително имаат придружба од Солем. Мене ми изгледаат како весела дружина која што ужива во она што го прави. Затоа се и успешни.

БИ: Имаат ли македонските компании слух за вакви проекти? Конкретно, имате ли Вие поддршка од некоја од компаниите?

Лице в лице почна да функционира со помош од Швајцарската програма за култура при што се оформи регионалната платформа за активизам и

беше предвидено печатење на еден број од списанието во Македонија, во Босна и Херцеговина и на Косово. Целта беше да се добие и види конкретниот производ кој ќе биде испрезентиран пред компаниите заедно со неговата мисија, со цел потоа тие да ја препознаат својата улога во Лице в лице, што понатаму ќе биде од корист за општеството од кое компаниите егзистираат. Ние се уште сме во потрага по партнер во проектот, генерален спонзор со кој што заеднички ќе ја градиме приказната која што во Македонија имаше одличен старт. Во споредба со земјите во регионот кои се дел од платформата, првите броеви кај нас имаа најдобра продажба и најуспешно се спроведува едукативната програма. Имаме најдобри почетни резултати, но сме со најлоша поддршка од компаниите. Единственото претпријатие што уште пред да излезе првиот број одлучи да не поддржи со печатење на еден број, што е навистина голема ставка, е Пакомак. Многу ми е драго што и ЕВН ја препозна важноста на Лице в лице и е првиот наш клиент кој се рекламира на страниците на списанието. Во моментов се одржуваме со помош на Институтот отворено општество – Македонија, а од неодамна и Град Скопје ја поддржа иницијативата со чија помош ќе се испродуцираат промотивни материјали и ќе се реализира едукативната работилница во следниве неколку месеци.

Opismenuvanje vo Crven krst

Очекуваме во приказнава да се вклучи и некоја од банките, по примерот на Србија, со чија помош продавачите ќе учат финансиска писменост. Таму Ерсте банка ги поттикнува продавачите дел од заработените средства да ги штедат, а заштедата им ја дуплира и истата останува на штедна книшка.

Околу 20 поголеми и помали претпријатија ги покануваат нашите продавачи во своите канцеларии каде што на вработените им се нуди новиот број на списанието. Овие посети се од големо значење за продавачите пред се поради дружењето со вработените кое им помага во социјализацијата и во враќањето на достоинството. Ова е едноставно за реализација, а и многу корисно. Потребна е само добра волја од страна на компанијата.

Драгоцена е и помошта што доаѓа од индивидуалци, преку претплата и од волонтери. Тројца преведувачи волонтерски работат за Лице в лице, а се ангажирани преку Интернационалната мрежа на улични весници чие седиште е во Глазгов, а илустратор од Шведска сам се јави во нашата редакција и понуди да изработува илустрации согласно нашите потреби.

Во суштина ова е проект на сите нас кои сме свесни дека со мали чекори можеме да направиме крупни промени. Воопшто не ми се допаѓа дистанцирањето од проблемите со кои се соочува општеството и тргнувањето на погледот на другата страна. На некои луѓе им е потребна помош и ние како граѓани на ова општество не смееме да замижуваме пред тој факт. Затоа и секаде каде што го презентираме Лице в лице, пред компанија или пред поединци, нагласуваме дека секој може да се вклучи во развојот на оваа приказна на начин кој што го смета за наједноставен, најбезболен за него. Важно е луѓето и компаниите да се освестуваат и да помагаат онолку колку што можат.

Na saem promocijaБИ: Може ли да направите една паралела со поддршката на овој проект овде кај нас и во другите земји каде што функционира? Кои од поголемите компании се поддржувачи на овој проект во регионот?

Во Србија уличниот магазин се градеше партнерски со Телеком Србија, со кој заеднички беа поставени темелите. Поддршката кај нив дојде на самиот старт и во ваков случај многу е поедноставно да се испланира и да се плива кон целта. Фокусот беше на активностите, на тоа како да се биде поуспешен, а не како да се преживее, како да се одржи проектот.

На сличен начин заживеа и во моментов најуспешниот уличен магазин Биг ишју. Во 1990 година идејата видена во Њујорк преку Стрит њуз, била претставена пред одборот на фондацијата на козметичката компанија Боди шоп, којашто вложи основачки капитал во издавање на магазинот Биг ишју. Во рок од две години со помош на Биг ишју се собрани околу милион фунти за бездомниците. Денеска списанието се продава во 50.000 примероци по број.

Во голем број градови каде што има улични весници, тие се проекти на Градот, како што е случај и со Љубљана, каде комплетната финансиска конструкција е затворена со градски пари.

Во поддршката на улични магазини се вклучија и Мајкрософт, CNN како поддршка на Биг ишју за изданијата ширум светот, Ројтерс со бесплатно нудење на својата база ги помага сите членки на Интернационалната мрежа на улични весници, меѓи кои сме и ние. Списанијата и во регионот и во светот ги помагаат бројни локални компании, туристички агенции, осигурителни компании, музички продукции, маркетинг агенции…

promocija na vtoriot broj Sasko

БИ: Што мислите, што треба да се стори за компаниите да станат повеќе општествено одговорни?

Компаниите можат да направат многу ако станат сериозен партнер во развојот на конкретен проект. Партнерствата се клучни и носат бенефит и за општеството, а и за имиџот на компаниите кои мислам дека се повеќе сфаќаат дека вложувањето во заедницата не е трошок. Тука пред се мислам на темелно, стратешки испланирано вложување во заедницата, со јасна визија за долгорочните цели кои изграденото партнерство може да ги постигне. На тој начин ангажманот на компаниите станува релевантен и добива димензии кои далеку ги надминуваат границите на она што го нарекуваме „маркетинг активности“, а токму тоа е клучот до позитивната перцепција која потрошувачот ја гради кон определена компанија. На тој начин кругот на овој однос се затвора и станува целосен.

Искрено се надевам дека темелно се разгледуваат проектите коишто стигнуваат на адресата на компаниите и дека тие имаат изградени критериуми за оценување и препознавање на одржливоста на понуденото. Не сметам дека се паметни одлуките на повеќе организации да им се дадат по помалку средства за да фигурираат како бројка на поддржани проекти. Важна е темелноста, важно е да се пропознае она што е добро. Затоа е корисно постоењето на организации како Конект кои можат да ги насочат компаниите какви иницијативни и активности е умно да поддржат за од тоа да биде видлив бенефитот за општеството, зашто ако нема резултат, чуму е вложувањето.

Чудно е што кај некои компании е толку тешко да добиеш шанса да го испрезентираш проектот, а тогаш кога ќе успееш голема дилема е колку оној од другата страна ја разбрал мисијата и како понатака ја презентира истата. Мислам дека тука некаде застануваат работите. Многу ме радува кога ќе видам претставници од компании со сјај во очите, што го пијат она што им го зборуваш и што не те примил да те ислуша само механички. Тие понатаму ја шират мисијата и во својата компанија и надвор од неа. Тогаш знаеш дека си добил уште еден сојузник, кој без оглед каков ќе е исходот во однос на проектот во неговата компанија, знам дека кога ќе види продавач, ако ништо друго ќе застане и ќе поразговара со него, а тоа им е потребно на продавачите на Лице в лице.

Edukativna rabotilnica

БИ: Работите само во Скопје. Планирате да се ширите и низ другите градови?

Да, проширување во два града во Македонија ни е дел од стратегијата за 2013. Веќе мапираме организации од Струга и од Охрид каде што сакаме да имаме свои продавачи со почетокот на летото.

Лице в лице не трпи импровизации, секој сегмент мора да е прецизно сработен за да стигнеме до посакуваната цел. Токму затоа побавно ќе се шири мрежата на продавачи низ републикава. Прво ни беше важно да направиме добра база во Скопје, да ги почувствуваме на свој грб сите тежини и проблеми. Воопшто не е лесно да се работи со маргинализирани групи, особено со млади од улица и со бездомници. Понекогаш почнувате да се чувствувате дека се вртите во круг, а тогаш кога сте помислиле дека сте стигнале до нешто, може да се случи да се соочите со фактот дека повторно сте на почеток. И ние и Ксантика и Центарот за згрижување деца од улица и Црвен крст се трудиме да ги држиме работите под контрола, меѓутоа притисокот што го прави средината од каде што доаѓаат повеќето продавачи е многу силен. Повеќето од нив се и збунети зашто се изложени на две различни влијаниија кои секојдневно се борат за доминантност над нив. Во план ни е и креирање програми за семејствата на продавачите за постигнување поголем ефект. Ова е процес и бара макотрпна работа. Важно е да се истрае и да се извлечат позитивни примери меѓу нашите продавачи кои ќе бидат пример за својата заедница. Тогаш кога ќе го имаме првиот вработен младинец од улица или бездомник во некоја компанија, кој што поминал низ едукативната програма на Лице в лице на којшто сме успеале да му ги смениме навиките и да го направиме конкурентен на пазарот на трудот, тогаш ќе знаеме дека сме постигнале голем успех во својата работа, затоа што така не сме му помогнале само на поединецот од приказната, туку тоа ќе има влијание и неговите потомци да излезат од кругот на сиромаштијата, неедуцираноста, а со тоа и социјалната исклученост.

Планираме да направиме и специјално дизајнирана едукативна програма за лица со пречки во развојот која што ќе им овозможи полесна социјализација. Работата со овие лица ни е нов предизвик и сакаме да го направиме најдоброто за нив. Солем имаа одличен старт што ни влева надеж дека Лице в лице може да биде добра програма и за лицата со пречки во развојот.