Компаниите што користат вештачка интелигенција создаваат повеќе работни места

Компаниите што користат вештачка интелигенција создаваат повеќе работни места од оние што не ја користат, но тој раст им користи на постарите вработени повеќе отколку на вработените на почетно ниво, според ново истражување спроведено во 41 земја.

Бројот на вработени на високи позиции во компаниите што воведоа вештачка интелигенција се зголеми за 6,7 проценти во текот на пет години, додека бројот на вработени на почетно ниво се намали за три проценти во истиот период, наведоа истражувачите Барат Чандар од Универзитетот Стенфорд и Бауке Клајн Тислинк од Кингс колеџ во Лондон во труд чии заклучоци ги објави Блумберг.

Иако вкупниот број на нови вработени се зголеми, уделот на работници на почетни позиции во тие компании се намали за 1,9 процентни поени. Намалување на застапеноста на вработените на пониски позиции е забележано во голем број земји, вклучувајќи ги Бразил, Саудиска Арабија и Велика Британија.

„Вештачката интелигенција ја намалува потребата за работници на почетно ниво, а воедно ја зголемува потребата за поискусни вработени во занимања изложени на оваа технологија“, напишаа авторите. „Губењето на работните места на почетно ниво е малку поизразено во побогатите и дигитализирани економии.“

Истражувачите анализирале примерок од 1,25 милијарди огласи за работа и 154 милиони записи за вработување помеѓу јануари 2021 и март 2026 година.

Исто така, откриле дека вработеноста на работни места поврзани со компјутери и математика, кои се меѓу занимањата најизложени на вештачка интелигенција, во компаниите што користат вештачка интелигенција се зголемила за 0,8 процентни поени. И во тие области, имаше поместување во корист на вработените на повисоки позиции.

Чандар и неговите колеги од Лабораторијата за дигитална економија на Универзитетот Стенфорд минатиот месец објавија дека вработеноста на лица на возраст од 22 до 25 години во занимања високо изложени на вештачка интелигенција е за 19 проценти помала отколку што би била доколку растеше со иста стапка како и вработеноста во занимањата помалку изложени.

Податоците се објавени во време кога младите луѓе во Соединетите Американски Држави се сè повеќе загрижени за можната загуба на работни места поради примената на вештачката интелигенција, се вели во својот извештај на Истражувачкиот центар Пју.

Сепак, загриженоста за губењето работни места предизвикани од вештачката интелигенција беше засенета овој месец од предупредувањата од раководителите и вработените во компаниите во секторот за ризиците што моделите на оваа технологија ги претставуваат за луѓето.