Компанијата Tesla би можела да започне со производство на автомобили во Мексико следната година

39

Компанијата Tesla Inc би можела да започне со производство на своите први автомобили во Мексико следната година, бидејќи производителот на електрични возила е многу блиску до добивање на конечни дозволи за почеток на изградба на фабрика во Нуево Леон, во близина на границата со САД.
„Тие ги чекаат конечните дозволи… штом ќе се направи, ќе можат да започнат, се надевам овој месец, во март“, рече во понеделникот гувернерот на Нуево Леон, Самуел Гарсија, додавајќи дека верува дека првиот автомобил ќе биде произведен до следната година, пренесува Ројтерс.

Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, ја најави инвестицијата минатата недела, велејќи дека компанијата со седиште во Остин, Тексас го избрала Мексико за своја следна „гигафабрика“ на електрични возила.

Мексиканските власти соопштија дека тоа ќе биде најголемата фабрика за електрични возила, со инвестиција вредна пет милијарди долари.