На 29 јануари 2016 година (петок), со почеток во 20 часот, симфонискиот оркестар и џез бендот при Густавус Адолфус Колеџот од САД во соработка со Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) организираат концерт на класична и џез музика во Македонска Опера и Балет.
Настапот ќе биде дел од турнејата на симфонискиот оркестар со наслов: „American Celebration of Music in Greece and Macedonia”. Притоа, тие ќе имаат можност да ја осознаат македонската култура и обичаи, но воедно и да ја доближат американската музика до македонската публика.
Македонската публика ќе има чест да присуствува на настапот на 150 млади професионалци и талентирани студенти на различни факултети при Густавус Адолфус Колеџот. Покрај своите студии во различни подрачја, тие се дел и од музичката програма на колеџот, каде што имаат можност да ја градат својата професионална кариера во симфонискиот оркестар, џез бендот, хорот и други музички секции.
Повеќе од една третина од вкупниот број на студенти на овој колеџ учествуваат во музичката програма. Тие велат: „Заедничкото создавање музика е обележје на нашата заедница“.
Тимот на Универзитет Американ Колеџ Скопје има огромна чест и задоволство што ќе има можност да ја промовира македонската музика и традиција и воедно да овозможи поставување на мост на културата меѓу Македонија и САД.
Влезот на концертот е слободен. Поради ограничениот број на места во салата, потребно е да се направи резервација на места на следната е-пошта: [email protected] или на телефонскиот број: 02/ 2463 156.