![architecture-3285284_640 (1)](https://biznisinfo.mk/wp-content/uploads/2025/02/architecture-3285284_640-1.jpg)
Имплементацијата на Компасот за конкурентност, изработката на „Белата книга“ за одбраната и развојот на стратегија за вештачката интелигенција, се дел од приоритетите во Програмата за работа на Европската комисија за 2025 година, што следниот вторник треба да биде претставена пред Европскиот парламент во Стразбур.
Предлог-програмата за работа, чија конечна верзија претходно треба да биде усвоена од Колеџот на комесари, содржи 25 точки групирани по теми, кои ги даваат насоките на кои ќе се посвети Европската комисија во текот на оваа година.
Програмата почнува со темата конкурентност, во чии рамки како точка е еден е реализацијата на заложбите од Компасот за конкурентност на Европската Унија, што ЕК го презентираше минатиот месец, а како втора точка е наведена Стратегија за единствениот пазар на ЕУ.
Во делот на конкурентноста се и Договорот за чиста индустрија, плановите за зелена енергија и за забрзување на индустриската декарбонизација, насоките за изградба на „Унијата за штедење и инвестиции“, Рамката за хартии од вредност, Законот за Вселената, Стратегијата за биоекономија со законодавство за биотехнологијата и Инвестицискиот план за одржлив транспорт.
Кога станува збор за одбраната и безбедноста наведени се Патоказот за прекин на увозот на руски енергенси и изработката на „Белата книга“ за одбраната на Унијата и на Европска стратегија за внатрешна безбедност, како и усвојување на нови правила за наркотици и на Директива за трговија со огнено оружје.
Во следниот пакет се реформите насочени кон пакетите за одржливост, за замена на хартиените документи, за инвестициите, за одржливи финансии, за кибер безбедност и за т. н.бизнис паричник“, како и измените на Законот за регистрација, евалуација, овластување и ограничување на хемикалиите.
Во делот на иновациите приоритет се става на Законот за интернет мрежи, усвојувањето на Стратегијата за вештачката интелигенција и зајакнувањето на секторите на вештачка интелигенција и на квантната технологија на ЕУ.
Кога станува збор за подготвеноста и издржливост на ЕУ, ЕК ќе се посвети на стратегиите за подготвеност на блокот, за мерките за справување со заканите по јавното здравје и за складирање на залихи, како и на Законот за критични лекови.
Документот, во кој увид имал бриселскиот портал „Еурактив“, претставува Предлог-програма, па можно е нејзината конечна верзија да има некакви промени или дополнувања.