Македонски Телеком АД – Скопје и Т – Мобиле Македонија, денес за време на конференцијата „Ден за иновации”, која се организираше во партнерство со МАСИТ, објавија конкурс во кој ги повикуваат на учество сите граѓани на Република Македонија. Конкурсот „Партнер за иновации” е отворен за сите оние кои поседуваат креативност во себе, имаат иновативна идеја која сакаат да ја преточат во реалност со доставување на предлог проект.
После евалуацијата од страна на експертска комисија, кон почетокот на март 2013 година, ќе бидат избрани и објавени трите најуспешни идеи врз основа на транспарентност и ориентираност кон квалитет. За реализација на трите најдобри предлози, компаниите инвестираат 100.000 евра со цел развој на избраните проекти, а преку склучување партнерство со Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија.
„Денес ги каниме сите иноватори и креативни умови да ни се придружат во градењето подобра иднина со доставување решенија за поврзан живот и работа. Ги отвораме вратите за влез и развој на иновации во Македонија, со цел да ја претвориме оваа наша визија во реалност. Ја нудиме можноста секој да ја добие главната улога во унапредувањето на комуникациите од иднината, а за возврат го нудиме нашето искуство, поддршка и инвестиција за реализација на добрата идеја”, изјави Даниел Сас, Главниот извршен директор на Македонски Телеком АД – Скопје.
Целта на конкурсот е да се разработат нови идеи и концепти кои ќе може да се користат во рамки на интерактивни медиумски апликации, апликации и услуги за е-влада, социјални мрежи и мобилност. Фокусот се става на новите облици на интерактивност и дигитална разонода, како и на комуникации и услуги за подобрување на секојдневието. Трите избрани проекти од сите доставени, ќе продолжат понатаму да се развиваат.
„Веруваме дека во Македонија постојат креативни луѓе кои со своите идеи можат да се истакнат, кои можат да придонесат за промовирање и на Македонија, но и во создавањето подобро утре за сите македонски граѓани. Само заеднички, со поврзување на сите општествени субјекти, можеме да создадеме нешто добро за сите нас. Затоа решивме да ги обединиме бизнис секторот, граѓаните, владата на РМ, и невладиниот сектор во оваа наша акција”, изјави Главниот извршен директор на Т-Мобиле, Жарко Луковски.
На конференцијата присуствуваа над 300 учесници, членови на МАСИТ, претставници на Владата на Р. Македонија, како и бизнис партнери на Македонски Телеком и Т-Мобиле. Се презентираа нови комуникациски решенија кои треба да се појават на македонскиот пазар веќе од наредната 2013 година, а имаше и гости од лабораториите за иновации на Маѓар Телеком и Дојче Телеком.
Повеќе информации за конкурсот „Партнер за иновации” сите заинтересирани ќе можат да најдат на www.telekom.mk/innovations.