Конкурс за уредување на плажи на Дојранското и Преспанското езеро

47

67BD97E40414074AAAE544484D90E565Министерството за транспорт и врски објави конкурси за изработка на идејно архитектонско – урбанистички решенија за уредување на плажи на Дојранското и на Преспанското езеро.

Ќе се уредуваат 500 метри плажа на Дојранско Езеро во општина Дојран, во централното градско подрачје и дополнителни 100 метри плажа вон централното градско подрачје, како и 500 метри плажа на Преспанско Езеро во општина Ресен во населбата Стење и дополнителни 100 метри плажа во населбата Сливница.

Крајниот рок за поднесување на урбанистички решенија за плажите на Дојранско Езеро е 08 јули 2013 година до 11:00 часот, а за плажите на Преспанско Езеро е 11 јули 2013 година до 11:00 часот.

При изработката на архитектонското-идејно решение, основно начело треба да биде концептот на заштитата на природната средина и зачувување на автентичноста на поедини обележја, кои се јавуваат како специфични за тој регион. На плажите е потребно да има планирана песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, да се почитува постојното зеленило и да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување на клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.

Сервисниот пункт треба да ги опфати повеќе содржини како шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити.

Исто така треба да се обележи просторот за капење во езерото со бови заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат места за информативни паноа, бежичен интернет и други погодности за забава и престој.

Доставените идејни решенија ќе се оценуваат по неколу елементи, како оригиналност и иновативност, изводливост, пристапност до и во локацијата за лицата со посебни потреби, вид и квалитет на понудените материјали и нивна трајност и читливост на идејата на проектот.