Контејнерскиот сообраќај во Црвеното Море е намален за една третина

42

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека контејнерскиот сообраќај во Црвеното Море е намален за околу една третина поради нападите на јеменските Хути врз бродови.
Од 19 ноември, Хутите извршиле повеќе од 30 напади, според американското Министерство за одбрана.

– Контејнерскиот сообраќај падна за речиси 30 отсто. Почна брзо да паѓа на почетокот на оваа година – изјави Џихад Азур, директор на ММФ за Блискиот Исток и Централна Азија, пренесува француската новинска агенција АФП.

Хутите тврдат дека со нападите изразуваат солидарност со Палестинците, односно противење на војната меѓу Израел и екстремистичкото движење Хамас, која од октомври трае во Газа, пренесува SEEbiz.

Податоците на ММФ покажуваат дека сообраќајот на бродови, не само контејнерски, низ Суецкиот канал во првите 16 дена од оваа година е намален за 37 отсто во споредба со истиот период лани. Каналот го поврзува Црвеното Море со Средоземното Море и е исклучително важен особено за европската трговија.

Поради нападот, некои бродски компании веќе ги пренасочија своите рути низ Африка.

– Нивото на неизвесност е исклучително високо, а развојот на настаните ќе покаже колку долгорочни ќе бидат промените во поморските трговски патишта – рече Азур.