Конвергенција кон ЕУ на Западен Балкан: Можности за забрзување на економскиот развој и приближување до европскиот просек

20-ти Октомври (Светски ден на статистиката): Здружението ЗМАИ како македонски партнер на Тинк Јуроп и Виенскиот институт, поддржани од Foundation Open Society Western Balkans, организираше настан на кој беа презентирани резултатите, од анализата за Конвергенција на Земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

Анализата ја презентираше Бранимир Јовановиќ како претставник и економист од Виенскиот институт, додека за Македонија наодите ги презентираше Виктор Митевски – извршниот директор на ЗМАИ. На панел дискусијата говореа: Анита Ангеловска Бежоска, проф. Драган Тевдовски и проф. Васко Наумовски.

Во рамки на анализата беа презентирани клучните сектори кои влијаат на квалитетот на животот на граѓаните и потребниот период за нивно доближување до просекот на Европската Унија. Областите кои беа опфатени се: Економијата, Социјалата, Здравството, Образованието, Владеењето, Животната средина и Инфраструктурата.

Анализата зборува и за промени во резултатите според кои децении, и векови ќе бидат потребни во поединечни области, за да го постигнеме просекот на ЕУ. Тимот понуди различни сценарија кои можат да го подобрат квалитетот на живот на граѓаните: 1. Полноправно членство во унијата; 2. Пристап до кохезионите европски фоднови; 3. Пристап до единствениот европски пазар и 4. Институционални реформи (спроведување на длабоки реформи налик на европските).

Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт кој во своите анализи се фокусира на Западен Балкан, истакна дека Напредокот кон ЕУ не треба да се гледа само низ призма на поглавја и кластери, туку пред сѐ преку квалитетот на живот.

  • Македонија најлошо стои во образование и животна средина, каде стануваме сѐ полоши. Во овие области потребен е брз напредок со оглед на тоа дека истите се од исклучителна важност за граѓаните и нивната добросостојба. Од друга страна, во дигитализација и здравство имаме некој напредок, и би можеле да ја стигнеме ЕУ за деценија или две. Сепак, потребни се длабински реформи и спроведување на законите. Европскиот стандард зависи од повеќе фактори, на дел од нив може да се влијае уште пред земјите да станат полноправни членки на унијата.

Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ е партнер во проектот. Извршниот директор, Виктор Митевски ги презентираше наодите за македонската конвергенција кон ЕУ.

  • Пораката од извештајот е јасна: конвергенцијата се забрзува кога ќе се интензивира интеграцијата во ЕУ, но за да го почувствуваат тоа граѓаните, потребно е како општество да ја завршиме нашата работа дома. Затоа фокусот треба да биде на спроведување и резултати, а не само носење на закони. Клучни за забрзување на процесот се осигурување на владеењето на правото и обезбедување на услови за фер и чесни јавни набавки. Истовремено, буџетот треба да биде насочен кон образование, примарна здравствена заштита, превентивно здравство и чист воздух, а дигитализацијата на системот треба да биде основа за брзи и квалитетни услуги. Клучно за растот на Македонија е и целосното завршување на сите клучни сообраќајни и енергетски врски и мрежи како национални, така и со соседите. Кога овие задачи ќе бидат завршени ќе растат и продуктивноста и формализацијата на економијата, а платите природно се движат нагоре. – потенцираше Виктор Митевски во презентацијата на извештајот за Македонија.

На панел дискусијата говореа истакнати експерти од областите на јавните финансии, економијата и евроинтеграциите. Секој од говорниците во текот на својата кариера водел некој од клучните сектори за доближување на земјата кон ЕУ.

  • Членството во  СЕПА е успешен пример за финансиска конвергенција, коешто доведе до повеќекратно намалување на провизиите и зголемување на заштедите на граѓаните и компаниите. Преку зголемување на заштедите, ликвидноста и конкурентноста на компаниите, СЕПА-та може да придонесе и за поголема трговска интеграција и следствено повисок економски раст и доходовна конвергенција. – изјави во дел од своето обраќање екс-гувернерката на Народната Банка Анита Ангеловска – Бежоска

Говореше и поранешниот министер за финансии, професор на Економскиот факултет во Скопје. Проф. Тевдовски, потенцираше дека на економиите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и македонската, им се случува дивергенција во доходот со земјите членки на ЕУ од регионов, и зборуваше за тоа што треба да се превземе овој особено неповолен тренд да се смени.

  • Важно е да се отворат кохезионите фондови за Западен Балкан со цел да го стигнеме растот на Европските држави. Силната разлика во вложувањето во регионот наспроти соседите од ЕУ ја продлабочува разликата меѓу земјите. – додава проф. Тевдовски.

Професорот и поранешен вицепремиер за европски прашања Васко Наумовски, зборуваше за евроинтеграциите на земјата и геополитичките движења со своите влијание врз македонската економска и политичка сцена.

  • Европската унија носи голем дел од одговорноста за намалување на евро-ентузијазмот во регионот, што пак е причина за намалување на мотивацијата за исполнување на критериумите за членство и достигнување на европските стандарди во државите на Западниот Балкан. Јасната перспектива за полноправно членство е неопходна со цел да се одржи и самата политика на проширување, процес којшто е сериозно загрозен, а во минатото донесе суштинска трансформација на државите од Централна и Источна Европа. – изјави, проф. Наумовски.