КОП27: ЕУ го поддржува повикот за постепено укинување на сите фосилни горива

7

Европската Унија го поддржува повикот на Индија за постепено укинување на употребата на фосилни горива како дел од договорот на Конференцијата на ОН за климата (COP27), изјави шефот за климатска политика на ЕУ, Франс Тимерманс, дополнувајќи дека тоа е под услов да не се ослабнат претходните договори за намалување на употребата на јаглен.

Индија сака земјите да се согласат на постепено укинување на сите фосилни горива на самитот на ОН за климата во Египет, наместо потесниот договор за постепено укинување на јагленот договорен на минатогодишната климатска конференција COP26.

– Го поддржуваме секој повик за намалување на сите фосилни горива, рече Тимерманс на прес-конференција. – Но, ние исто така треба да се погрижиме овој повик да не ги ослабне претходните договори за постепено укинување на јагленот, и ако не е на сметка на она што веќе го договоривме во Глазгов, тогаш ЕУ ќе го поддржи овој предлог, додаде тој.

Индија беше меѓу земјите кои се спротивставија на напорите за постепено укинување на јагленот на минатогодишните разговори за климата во Глазгов, кога конечниот текст беше изменет во последен момент.

Египетското претседателство на COP27 синоќа објави нацрт на две страници за потенцијалниот договор, со точки што укажуваат на многу од прашањата вклучени според желбите на земјите, од кои некои длабоко ги поделија нациите.

Документот не се однесува на фосилните горива, иако портпаролот на претседателството на COP подоцна рече дека списокот не е исцрпен и не содржи јазик што ќе се користи во конечната верзија.