Копаоник бизнис форум од 3 до 6 март

Бизнис форумот Копаоник, 31-ви по ред, ќе се одржи од 3 до 6 март следната година на Копаоник, со учество на повеќе од 200 говорници, а централна тема ќе биде – „Нов глобален контекст: Предизвици на неизвесна иднина “, соопштија денеска организаторите.

На состанокот во организација на Здружението на економисти на Србија ќе се одржат 36 панел дискусии, како и три пленарни сесии и четири специјални настани, со говорници од академската заедница, политиката, бизнис менаџментот, меѓународниот финансиски сектор и дипломатијата.

Специјален гостин на Форумот ќе биде професорот од Универзитетот Колумбија, Џефри Сакс, кој е светски познат експерт во областа на одржливиот развој, а пред учесниците ќе се обрати и главниот економист на Светска банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски.

Како што е прецизирано, на Копаоник бизнис форумот ќе започне т.н на „нултиот ден“ на 3 март, при што ќе бидат претставени макроекономските прогнози за Западен Балкан и Србија во 2024 година. Во продолжение ќе бидат презентирани најновите истражувања поврзани со Индексот на корпоративна репутација на различни индустрии во Србија. Ќе се разговара и за креативните индустрии, а два панели ќе бидат посветени на иницијативата за дигитална Србија.

Првиот ден Форумот ќе биде свечено отворен со воведни излагања на гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ и министерот за финансии на Србија. Во продолжение ќе се разговара за перспективите за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, дигиталната трансформација, климатските промени и регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.

Ќе се анализираат и теми поврзани со иднината на автомобилската индустрија, промените во осигурителната индустрија, проблемот со недостигот на квалитетна работна сила, недоволната конкурентност на српската економија.

Вториот ден од Форумот е резервиран за енергетска транзиција, инфраструктурни инвестиции во услови на раст на каматните стапки, трансформација на финансискиот сектор, конкурентност на извозно ориентираните мали и средни претпријатија, проблеми со економската миграција, образование 4.0.

Последниот ден од Форумот ќе започне со пленарна сесија на претставници на Светската здравствена организација, а ќе продолжи со панели за прашања за родова еднаквост, политики и деловни практики насочени кон децата и младите, борбата за таленти, како и за прашања поврзани со трансформацијата на здравствениот сектор.