Корејци заради Римац сакаат да градат иновативен центар во Загреб

23

Хрватска за Кореја веќе со години е интересна како туристичка дестинација, но сега имаат нов интерес и тоа за економска соработка, пишува Пословни дневник.

Како главен поттик за ваквата идеја е соработката на корејските автомобилски брендови Hyundai и Kia Motors со хрватскиот претприемач Мате Римац. Нивните инвестиции во сопственичката структура на Rimac Automobili го предизвика вниманието на многу бизнисмени од Кореја, па и покрај кризата од пандемијата, амбасадата на Хрватска во Сеул ја активира економската дипломатија за да се отвори врата за соработка меѓу двете земји.

Амбасадорот на Хрватска во Јужна Кореја, Дамир Кушен, иницирал основање на корејско – хрватски бизнис клуб, којшто пред една недела го одржа првиот состанок, на којшто е избран и в.д. претседателот Крис Ли. Тој е на чело на компанијата Seojin, специјализирана за инженеринг, машинство и градежништво.

Досега 10-тина бизнисмени од Јужна Кореја покажале интерес за соработка со Хрватска. Станува збор за хетерогена група, чии интереси се однесуваат на енергетика, електроника, и технолошки иновативни центри, преку фармацевтска индустрија, изградба на големи инфраструктурни проекти до лековити растенија и чаеви.

Покрај поттикнување на инвестиции, целта е и основање на Корејски иновативен деловен центар во Хрватска, кој би бил своевиден хаб за корејските бизниси и иницијативи за истражување и развој.

Фото: Facebook