Корисни совети за патување со автомобил на летен одмор

48

avtomobil-sonce

Фото: Pexels

Во екот на сезоната на летните одмори, луѓето го планираат своето патување до посакуваната дестинација. Во зависност од далечината на местото каде што патуваат, прават и соодветен план како најбрзо и најбезбедно да стигнат до планираното место.

Доколку автомобилот е вашето превозно средство до крајното одредиште за летен одмор, во тој случај обрнете внимание на овие неколку кратки, но практични совети.

Одморени и наспани зад волан

За лична, но и за безбедноста на патниците, не седнувајте зад волан доколку не сте доволно одморени и наспани. Податоците велат дека најголем процент од сообраќајните несреќи во летниот период се предизвикани од заспивање на возачот. Поради високите температури се препорачува патување во попладневните и вечерните часови, но и покрај тоа мора да бидете одморени за да се сконцентрирате на патот што е пред вас.

Исклучете го телефонот и не возете со слушалки

Користењето на мобилниот телефон и на кратки, но и на долги релации е строго забрането, бидејќи го одвлекува вниманието на возачот и влијае на неговиот фокус кон возењето. Музиката може да го опушти и релаксира возењето, но не се препорачува да возите со слушалки за да може да имате звучна контрола на вашето возило и на околината.

Храна и пијалок пред и за време на патувањето

Лесен и здрав оброк е идеален за сите кои патуваат, без оглед на тоа каков превоз користат. Избегнувајте мрсна и тешка храна од која може да имате тегоби и лошење, а не помислувајте на алкохол пред и за време на патувањето.

Безбедноста на вашите деца

Доколку патувате со своето семејство и вашите деца се со вас на летниот одмор, мора да се погрижите за нивната безбедност во текот на патувањето. Соодветните седишта за автомобил, во зависност од возраста на детето, не само што се законска обврска, туку им го даваат потребниот комфор на најмладите при долгото патување со автомобил.

Планирање на патувањето и правење паузи

Однапред испланирајте го патувањето и неговото времетраење. Обезбедете доволно информации за состојбата на патиштата низ коишто треба да поминете и проценете го времето што ви е потребно за патување. Притоа, не заборавајте да одредите време и за правење на кратки паузи за кафе, земање малку свеж воздух, истегнување на телото и релаксирање на мускулите.