Фото: Pixabay
Победничка компанија – Од било каде, до врвот
Откако сте одлучиле со што ќе се занимава вашата идна фирма и сте ги покриле сите детали, следува преземањето ризик да се отвори компанијата. Тоа е чекорот на кој многу луѓе застануваат и не продолжуваат натаму. Стравот од ризик е природен, ништо тука нема лошо или ненормално.
Одвреме-навреме одам во казино. Повеќе губам отколку што добивам, претпоставувате. Она што всушност ме интересира, покрај ќарувањето пари, е како луѓето му приоѓаат на преземањето ризик во казино. Сум бил во многу од нив (живеам на 5 саати со кола од Лас Вегас) и тој образец на однесување се повторува секогаш. Значи, сфатив дека има три типа луѓе во однос на преземањето ризик во казина: коркачи, курајбери и коцкари. Три К.
Ако подобро размислам, истите типови ги среќавам во мојата секојдневна работа со клиенти. Еве што имам заклучено за секој тип.
Коркачи. Ова се луѓе кои сметаат дека знаат сé за начинот на кој функционираат казината и се убедени дека никој никогаш не може да добие. Способни се да изнесуваат илјадници аргументи во одбрана на нивниот став. И тоа стручни аргументи, поддржани со математика, алгоритми, теорија на веројатност. Одат во казино само ако мораат – да прават некому друштво или да испијат гага пијалак. Под влијание на целата атмосфера таму, може да брцнат во џеб (кај што имаат змии!), да извадат неколку долари и да ги стават во некоја машина. Толку.
Во бизнис-контекст, ова се луѓе кои ретко или никогаш не преземаат ризик. Зихераши. Немам досега сретнато ваков тип меѓу основачите на фирми. Стравот од непознато, од помалку одени патеки и од нерамен терен, ги блокира коркачите да направат своја фирма. Можат да делат совети на други за тоа што би било добро како дејност на идна компанија, ама сами никогаш нема тоа да применат на себе.
Главно завршуваат како вработени во некоја фирма, обично во заедничките служби и администрацијата. По ходници критикуваат сé живо, а на состаноци се безгласни. Имаат многу поплаки, а никакви идеи за подобрување. Длабоко веруваат дека еден и еден се два и никако поинаку.
Е па драги мои, морам да ве разочарам – во бизнисот, еден и еден многу често е различно од два. Многу неразумни и рискантни чекори треба да се преземат за да се успее. Mоже да личи дури и на одење со глава во ѕид. Никој не може да ги предвиди сите опасности што демнат и да преземе навремени мерки (читај: контрола на ризикот) – еден голем дел останува непокриен. Мечка има страв, јас немам – затвори очи и скокај!
Курајбери. Ова се луѓе кои одат во казино само поради забава – петок навечер, од работа право во казино. Со пријатели, се разбира. Прават шега таму од сé и од секого. Дигаат џева ако самите добијат некоја мала сума или ако некој од пријателите добие. Важно им е другите да мислат оти се професионалци, дека ги разбираат машините и останатите игри. Сакаат да бидат видени и чуени. А цело време меркаат добри женски (или машки, ако се жени; во најново време, секој мерка секого) и гледаат да најдат партнер за вечерта. Значи, казиното за нив е само место за задоволување на социјалните потреби (и по некоја физичка, евентуално).
Кај да ги бараме курајберите во организациите? Главно во службите за продажба, маркетинг, човечки ресурси или односи со јавност. Никако меѓу основачи на фирми. Додуша, имам сретнато неколку консултанти, со нивни фирми, кои се блиски до овој тип.
Да се разбереме – овој тип на луѓе (во однос на преземање ризик) се многу шармантни, друштвени, популарни во опкружувањето. Привлекуваат со својата харизма. Многу често се исклучително интелигентни. Можат да се искачат на високи позиции во фирмите. Ама, во туѓи фирми, не во свои. Се работи за недостаток од храброст – ај да се зезаме на тема сопствен бизнис ама да не влегуваме “all in”. Вака ни е сосема добро бидејќи друг цепи глава околу тоа како да обезбеди плата на сите вработени.
Дедо ми викаше „Што не се прчкало, не се кози“ – ако не влезеш комплетно во играта, никогаш нема да добиеш. Основачите се специјален сој – приватна фирма за нив не е игра, туку живот. Затоа, рискираат многу нешта за да започнат свој бизнис.
Коцкари. Е ова веќе се окорели. Одат во казино било кога, не е важно дали е празник или делник, наутро или навечер. Таму остануваат додека не изгубат сé што понеле од дома. Некој може денес да добие, ама утре ќе изгуби повеќе од тоа што добил. Ризикуваат без око да им трепне. Не гледаат ништо околу себе, со никого не зборуваат, ништо не може да им го одврати вниманието од машината. Прават разни ритуали, „за среќа“ – влегуваат со лева нога, удираат по копчињата со среден прст, носат иста облека како тогаш кога добиле. Циркус.
Не познавам ниеден основач кој би влегол во оваа категорија, иако секој од нив (без исклучок) има елементи од овој тип. Чистите коцкари се вработуваат кај други, а таму обично ги нарекуваат „кариеристи“ – луѓе кои се подготвени на сé само да се искачат едно скалило погоре во хиерархијата. Ставаат сé на една карта. Безобѕирни се, студено пресметливи, немаат ниту жал ниту разбирање за другите. Користат секоја прилика да зграбат што е можно повеќе за себе, а за сметка на другите.
Кој е рецептот за здраво преземање ризик при формирање сопствена компанија? Верувам дека пресечната точка на трите типа, во средината на триаголникот, е одговорот на прашањето. Значи:
- здрава скепса, наместо параноичен страв;
- подготвеност за напорен живот, наместо лежерност; и
- реалистични очекувања, наместо верување во чуда.
Знам дека ова е исклучително тешко да се постигне, ама сепак е можно.