Ќорсокак? Електричните автомобили ја губат својата атрактивност поради поскапувањето на струјата

103

Доколку кризата продолжи, интересот на инвеститорите за изградба на станици за полнење ќе биде доведен во прашање.

Високите трошоци за енергија ја загрозуваат иднината на електричните автомобили, предупредија шефовите на индустријата во Германија, пишува Гардијан. Поскапувањето на струјата, како и сè потешката достапност и поскапување на суровините, заедно со хроничниот недостиг на делови и намалувањето на куповната моќ на граѓаните поради инфлацијата, имаат значително влијание врз производството и продажба на автомобили. Доколку овој тренд продолжи, постои и загриженост дека ќе има ефект врз инвеститорите кои нема да имаат мотивација да градат станици за полнење електрични возила, со што електричните автомобили ќе бидат помалку атрактивни.

До сегашната криза, електричните автомобили беа сè попривлечни – особено со зголемувањето на трошоците за гориво – но од неодамнешното зголемување на цената на електричната енергија, на пример во Германија за околу една третина во споредба со минатата година, разликата во цената на горивото и потребната електрична енергија за палење на автомобилот се намали.

„Експлозијата на цените на струјата може да стане акутна опасност за транзицијата на возилата и мораме да бидеме многу внимателни со тоа“, изјави за германските медиуми економистот Стефан Брасел, експерт за автомобилска индустрија.

„Ако електричните автомобили станат поскапи за употреба, електричната мобилност е во опасност од колапс бидејќи ретко кој ќе купи електричен автомобил“, додаде Брасел.

Тој и другите поборници за електрични автомобили сега ја повикуваат германската влада да се погрижи цената на електричната енергија да остане под цената на бензинот, за која велат дека е клучна за иднината на електрификацијата на автомобилите.

Државните субвенции за електричните автомобили од 2023 година треба да се преполоват на 4.500 евра, додека купувачите на плаг-ин хибриди, кои моментално добиваат субвенција од 6.750 евра, би останале без никакви стимулации.

Вкупните расположливи пари треба да бидат ограничени на 2,5 милијарди евра, што е доволно за покривање на бонусот за само 400.000 електрични автомобили, што е помалку од 1% од автомобилите на германските патишта.