Apple го поддржа привременото откажување од наметнување давачки на Apple Watch и компонентите за Mac Pro, според информациите на веб-страницата на претставникот за продажба во САД, пишува CNBC.
Декларциите на компанијата се јавен чекор во процесот што би можел да го врати ослободувањето на владата од 7,5 отсто давачки за увоз на Apple Watch и 25 отсто за компоненти на Mac Pro. Тие подлежат на царина бидејќи се увезени од Кина. Најважниот производ на Apple, iPhone, не подлежи на такво оданочување.
Овој потег е потсетник дека компаниите сè уште се борат со тарифите наметнати за време на администрацијата на Доналд Трамп во екот на трговската војна со Кина, особено затоа што повеќето исклучоци требаше да истечат кон крајот на 2020 година или на почетокот на оваа година.
Готовиот Apple Watch и некои Mac Pro компоненти се меѓу погодените увезени производи. Apple Watch е главен производ за Apple, кој продаде повеќе од 30 милиони единици минатата година, според Counterpoint Research, додека Mac Pro е компјутер од висока класа кој чини 6.000 долари и повеќе.
Американскиот трговски претставник во октомври рече дека ќе размисли за враќање на некои исклучоци, разгледувајќи го секој случај посебно, особено ако производот може да се испорача само од Кина. Тој, исто така, ги повика компаниите кои ги поддржуваат исклучоците да одговорат на прашања, вклучително и дали производите би можеле да се произведуваат во САД или во други земји, но не и во Кина.
Конечното производство на производите на Apple се одвива речиси целосно во Кина, иако Apple работи на диверзификација на својата производствена база.
Во документите за давачките на Apple Watch, Apple наведува дека производот е „паметен часовник дизајниран од САД“, кој треба да добие исклучок бидејќи е широко користен од потрошувачите за мобилно поврзување и здравствени апликации.
Apple тврди дека часовникот „во моментов е достапен од трети страни во ограничени количини“, што сугерира дека компанијата тестирала производство надвор од Кина.
Apple, исто така, поддржува исклучоци од седум компоненти за Mac Pro, вклучувајќи тракпадови, глувци, напојувања и матични плочи. Во своите документи, Apple наведува дека компонентите не се достапни од извори надвор од Кина и се составуваат, откако се прават по нарачка.