Од ноќеска Косово воведе ембарго за производите од Македонија. Забраната се однесува на кондиторските производи, житните и млечни производи, за конзервирано овошје и зеленчук, алкохолни пијалаци и вино, како и тутун и производи од тутун од Македонија.
Македонските извозници на Косово ја информираа Стопанската комора при што од косовска страна е потврдено воведувањето на ембарго.
Причините за ембаргото на македонските производи се уште не се познати, но од Комората сметаат дека воведувањето на условниот увоз на пченица и брашно од 1 јули годинава од македонска страна може да биде причина за ваквото однесување на Косово.
Косовскиот пазар е еден од најважните пазари за македонските производители. Трговската размена со Косово во првите седум месеци изнесувала 177 милиони долари, при што Македонија има суфицит.