Ковачевски: Користењето на нови извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки интереси

9

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се обрати на свечената церемонија на започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи, Грција.

Премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис, претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, како и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во своите поздравни обраќања ја потенцираа важноста од овој мега енергетски проект.

На свечената церемонија присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

„Со интерконекторот во Грција, кој е во фаза на реализација, ја заокружуваме сета потребна инфраструктура за да се заврши и секундарната гасна мрежа која ќе го донесе гасот до граѓаните и стопанството во Северна Македонија.

Обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до намалени трошоци, но и до намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Северна Македонија.

Користењето на нови извори на енергија и замена на јагленот со гас е еден од нашите најважни стратешки интереси.

Гасниот терминал во Александруполи е од огромно значење за регионот и од аспект на диверзификација и поголема сигурност во снабдувањето со природен гас со отворањето на овој дополнителен гасен коридор“, вели Ковачевски.

На сите граѓани на С. Македонија, меѓутоа и на граѓаните на регионот им испрати порака дека ова се кризни времиња, и дека премиерите и претседателот на Србија, тоа што се сите заедно испраќаат порака дека во тешки времиња пријатели и соседи треба да бидат заедно да се помагаат.

– Во таа прилика го истакнувам моето огромно задоволство од многу честите контакти кои ги имавме и на дневно ниво со претседателот Вучиќ, со премиерот Мицотакис во делот на обезбедување на потребните енергенси во текот на зимата, меѓутоа и во делот на непречено снабдување, транспорт и трговија на храна помеѓу нашите три држави, додаде Ковачевски.