Ковачевски: Регионалната соработка и превенцијата најзначајни во борбата против организираниот криминал

18

Организираниот криминал, криминалците и криминалните групи не познаваат граници затоа регионалната, па и меѓународна соработка е најзначајна во справување со националните и регионалните предизвици со оглед на тоа што нашата држава и регионот не се исклучени од меѓународните криминални текови како и новите трендови во криминалитетот.

Ова го порача заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски денеска на отворањето на дводневната Регионална конференција на тема „Организиран криминал, перење пари и финансирање тероризам“ во организација на Управата за финансиско разузнавање, а во рамки на Проектот „Зајакнување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање во Северна Македонија“ финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и имплементиран од страна на Асоцијацијата за унапредување на демократијата – Демокраси Лаб.

Оцени дека заедничкото напредување на регионот е од особена важност за недостатоците во меѓународната соработка да не бидат злоупотребени од страна на криминалците како предност при реализирање на нивните криминални цели и интереси, а дека ваквите конференции се важни на кои можат да се разменат добри пракси и искуства, да се споделат проблеми со кои се соочуваат, со цел заеднички да можат да одговорат на новите форми што ги користат овие криминални групи користејќи ги новите технологии.

Борбата против организираниот криминал, вклучувајќи го перењето пари како еден од најсофистицираните облици е од врвен приоритет на Владата и надлежните органи. Република Северна Македонија го гради системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам преку имплементирањето на меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам и презема голем број иницијативи за нивно што побрзо и поефикасно имплементирање. Како позначајни активности коишто се спроведени и кои во моментот се спроведуваат се активностите за проценка на ризиците поврзани со виртуелните средства попознати во јавноста како криптовалути и анализите за пристапот кон нивната регулација како и Извештајот за проценка на ризикот од финансирање тероризам преку непрофитните организации во кој широкоинкузивен процес учествуваа огромен број претставници од самиот сектор, истакна заменик-министерот.

Потенцирајќи дека перењето пари и финансирањето тероризам предизвикуваат сериозни економски и социјални последици рече дека од голема важност е превенцијата.  

-Во алката на превенција е значаен секој чинител, односно целокупниот финансиски сектор, додека пак неопходна е и поддршката од страна на непрофитниот сектор.  Имајќи предвид дека управите за финансиско разузнавање се особено значајни во системите на откривањето на нелегалните финансиски текови и имајќи ја предвид можноста за брза и ефикасна размена на разузнавачки податоци преку ЕГМОНТ заедницата од особено значење е нивно континуирано развивање како и зајакнување на нивните капацитети од секој поглед, истакна Ковачевски.

Напомена дека е важно оти благодарение на системските напори и активности Република  Северна Македонија е помеѓу 15-те земји со најмал ризик од перење пари и финансирање тероризам според т.н „АМЛ индекс“  кој се објавува од страна на реномираниот „Basel Institute on Governance“ кој е особено веродостоен на полето на истражувањата поврзани со перење пари и финансирање на тероризам.