Ковачевски: Триесетгодишната поддршка на Светска банка постави солидни патеки за побрз економски раст и развој со што се олеснува нашиот пат кон ЕУ

Триесет години Светска банка е стратешки партнер на Северна Македонија и го поддржува развојот и напредокот на нашата држава преку реализирани инвестициски проекти во вредност од близу три милијарди долари во различни области, кои секако директно влијаат врз подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани и економијата , истакна премиерот  Димитар Ковачевски.

Тековното портфолио кое што Светска банка го има во Северна Македонија е вредно  над 400 милиони евра, проекти од кои дел веќе се во фаза на реализација, а кои што се во делот на инфраструктурата, зајакнување на конкуренцијата, енергетиката и други области.

Нашето долгогодишно партнерство со Банката се рефлектира преку реализација на бројни проекти во делот на патната инфраструктура, изградба на градинки и училишта, развој на патиштата, олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, поврзување на локални патишта, модернизација на земјоделството, унапредување на социјалните услуги, унапредување на основното образование, практично во сите области на нашето живеење, рече Ковачевски.

„Светска банка беше наш најголем партнер во одредувањето на политиките и мерките кои се преземаа како дел од напорите на Владата за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19, кога помошта беше повеќе од добредојдена и потребна. Банката нѐ поддржа и финансиски преку итен проект и преку знаење во моделирање на мерките преку кои ги заштитивме ранливите групи на граѓани и компании.
Тие експресно ги доделија финансиските средства на нашата држава меѓутоа за жал заради блокадите кои што ги имавме во Собранието од оние кои што ни кола не треба да се купи, кредитот каснеше меѓутоа на крајот сепак финансиските средства од Светска банка стигнаа и беа наменети за оние на кои најмногу им беа потребни.Истата пракса продолжи и во периодот кога се соочивме и со енергетската криза, кога заеднички со Светска банка работевме во моделирање на одредени мерки кои ги носеше и имплементираше Владата“, истакна премиерот.

Тој наброи само некои од заедничките проекти, иако листата е многу долга.

– 50 милиони евра за изградба на Новата логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје со којашто силно го унапредуваме земјоделскиот сектор и отвораме нови работни места.

– ја модернизиравме и продолжуваме да ја модернизираме нашата патна инфраструктура.

– Во рамките на Проектот за локални патишта, обезбедени се 70 милиони евра за рехабилитација, реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини во земјава.

– Додека, со имплементација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, се предвиде олеснување на процедурите и намалување на трошоците за увоз и извоз во земјите од регионот.

– градиме и градинки, решаваме децениски проблеми на граѓаните насекаде во државата. Како никогаш досега, оваа Влада инвестираше најмногу средства во отворање на установи за предучилишно образование. Од почетокот на мандатот на Владата, отворивме вкупно 83 објекти за предучилишно образование.

Поддршката од Светска банка продолжува и преку новиот деветти пакет на антикризни мерки, каде се предвидени поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја. За оваа цел се издвоени 10 милиони евра.

Воедно, обезбедени се 5 милиони евра за Фондот за енергетска ефикасност во Развојната банка, а во соработка со Светската банка, со цел финансирање на проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, мерка која треба да обезбеди намалена потрошувачка на електрична енергија за јавниот и приватниот сектор.

„Ме радува фактот што со новата Рамка за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка за периодот 2024-2028 значително ќе се зголеми финансиската поддршка за нашата држава и ќе биде речиси двојно повисока од досегашната„ истакна Ковачевски.

Тој потенцир дека триесетгодишната поддршка на Светска банка поставува солидни патеки за имплементација на реформи кои водат кон постигнување побрз економски раст и развој, со што се олеснува нашиот пат кон исполнување на нашата зацртана цел, а тоа е приклучувањето во ЕУ.