Крај на соработката со Адидас – Германската репрезентација ќе носи Најк дресови

Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) во четвртокот објави дека Најк ќе стане новиот главен снабдувач на комплети за сите фудбалски репрезентации од 2027 година, по потпишувањето на седумгодишен договор со најголемиот светски производител на спортска опрема.

Најк ќе го замени Адидас како спонзор на германската фудбалска репрезентација, по едно од најдолгите партнерства во спортот. Тоа ќе биде првпат по 1950 година германската репрезентација да не носи опрема на Адидас, пренесува Фајненшл Тајмс.

Коментирајќи ја промената во спонзорството, германскиот министер за економија Роберт Хабек во изјава за ДПА рече дека „тешко дека може да го замисли германскиот комплет без трите ленти“, наведувајќи дека тоа е дел од германскиот идентитет.

ДФБ соопшти дека Најк ја направи „убедливо најдобрата финансиска понуда“ и исто така се обврза да ги поддржува аматерските спортови, како и женскиот фудбал во Германија. Американската компанија објави дека нејзината цел е „германската екипа да стане глобален бренд, а германските спортисти да бидат светски херои“.

ДФБ не ги откри финансиските услови на договорот. Фудбалската асоцијација соопшти дека нејзиниот тендер бил „транспарентен и недискриминаторски“ и е благодарен што се соочува со „финансиски стабилна иднина“ благодарение на поддршката што ја вети „Најк“.