Крај за фрлањето непродадена облека: Новите правила на ЕУ ги обврзуваат гигантите на донации и попусти

Од оваа недела, големите компании во Европската Унија повеќе не смеат да уништуваат непродадена облека и обувки бидејќи стапија во сила нови регулативи на ЕУ.

Според проценките на Европската агенција за животна средина, меѓу четири и девет проценти од сите текстилни производи во Унијата се уништуваат без никогаш да бидат носени. Кога се фрлаат нови и целосно употребливи производи, залудно се трошат суровините, водата, енергијата и човечкиот труд вложени во нивното производство.

Да се донира и продава наместо да се фрла

Со новата уредба на ЕУ, која се применува од оваа недела, треба да се обезбеди компаниите повторно да ја стават својата стока во продажба. На пример, со попусти или да ја донираат, наместо да ја уништуваат. Досега честопати беше поефтино да се фрлат производите отколку да се складираат, модно да се прилагодат или повторно да им се понудат на купувачите.

Сепак, постојат исклучоци. Тие се дозволени доколку стоката е опасна, оштетена, извалкана или не е соодветна за повторна употреба или прекројување. Освен тоа, стоката ќе може да се уништи доколку била понудена како донација на социјални установи со седиште во ЕУ, но ниту една не ја прифатила во пропишаниот рок.

За помалите фирми овие обврски стапуваат на сила подоцна. Правилата се дел од уредбата на ЕУ за еколошки дизајн (Ecodesign Regulation), која е на сила од јули 2024 година.

Критики од текстилната и модната индустрија

Здружението на германската текстилна и модна индустрија смета дека законот не одговара на реалната состојба, дека со него на домашната индустрија ѝ се наметнува дополнителна бирократија и дека со него не се решава проблемот со брзата мода (Fast Fashion).

Експертот Јонас Штраке изјави дека за поголема одржливост се потребни ефикасни системи за собирање, сортирање и рециклирање на текстилот. Додека таквите системи не постојат, забраната за уништување ќе остане само „мртво слово на хартија“. Во изјава за весникот Rheinische Post тој додаде:

„Ниту еден германски или европски производител не уништува целосно исправна нова стока. Сепак, се создава впечаток како производителите масовно да уништуваат нова стока. Со овој закон им се донесува многу нова бирократија токму на оние компании кои не се одговорни за огромните количини безвредна облека“.

Постојат ли дупки во законот?

Слични забелешки имаат и организациите за заштита на животната средина. Мориц Јагер-Рошко од Greenpeace смета дека забраната е правилна, но предупреди дека постојат дупки кои големите компании можат да ги искористат.

„Компаниите можат лесно да ги заобиколат правилата, на пример, со погрешно означување на производите. Без доследни контроли во практиката нема многу да се промени“, смета Јагер-Рошко.

Тој додава дека вистинскиот проблем — проблемот со брзата мода — со овој закон всушност не е решен.

Што е брза мода?

Брзата мода е начин на производство на облека во кој трендовите од социјалните мрежи или модните ревии многу брзо се копираат, масовно се произведуваат и се продаваат по многу ниски цени.

Со таквото производство се поттикнува прекумерно купување, се создаваат големи количини текстилен отпад и значително се оптоварува животната средина, пишува Deutsche Welle.