Крај за Renault Megane по 27 години?

93

Како што пишува британски Autocar, по 27 години и четири генерации, прекинато е производството на легендарниот француски модел Renault Megane. Останува само електричниот Megane E-Tech Electric, кој го дели само името со конвенционалниот Megane.

Четвртата генерација на Megane беше претставена на Саемот за автомобили во Франкфурт во 2015 година, а продажбата започна во летото 2016 година. Достапна беше во три каросериски стилови – хечбек, караван и седан.

Според британскиот Autocar, производството на овој модел во Шпанија и Турција е прекинато, а наследник ќе биде исклучиво електричен Megane E-Tech Electric. Renault Megane беше познат и по своите RS изданија со перформанси, а Renault Megane RS Trophy-R дури го собори рекордот на Нирбургринг за возила со погон на предните тркала.

Megane е еден од најуспешните модели на Renault во последните 30 години. Во 2004 година, Renault продаде дури 465.778 единици, што е најдобра година во однос на продажбата. Меѓутоа, во последно време се забележува пад на интересот за Megane. Во текот на 2017 година се продадени 168.000 примероци, а четири години подоцна само 70.000. Само 793 модели на Megane беа продадени во Велика Британија минатата година. Во истиот период, дури 21.800 клиенти се одлучија за Ford Focus, хечбек со слична големина, додека Volkswagen Golf беше продаден во повеќе од 30.000 примероци.

Наследникот на Megane е хечбек со слични димензии, но со дизајнерски елементи на теренец. Renault Megane E-Tech e движен исклучиво од електрична енергија, но оние кои сепак не сакаат да се движат на струја ќе имаат избор меѓу неколку модели на француската компанија.

Најлогичен избор наместо Megane е Arkana, која кај нас ја нарекуваат Megane Conquest, а се работи за купе-кросовер со слични димензии. Тука се и Clio и Captur, а наскоро на пазарот ќе пристигне и сосема новиот SUV Austral кој ќе го наследи Kadjar во гамата на Renault.