
Кредитирањето на компаниите и граѓаните во еврозоната забрза на почетокот на годината, а паричната маса нагло се подобри, покажаа во четвртокот податоците на Европската централна банка (ЕЦБ), како одраз на влијанието на пониските каматни стапки.
ЕЦБ ги намали каматните стапки пет пати од средината на минатата година за вкупно 2,25 процентни поени, префрлајќи го својот фокус од задржување на инфлацијата на поддршка на анемичниот економски раст.
Падот на каматните стапки во изминатата година постепено ги намали трошоците за ново задолжување на компаниите и домаќинствата, со континуирани строги услови за финансирање, се наведува во соопштението на Управниот совет од состанокот во јануари.
Монетарната политика и понатаму е рестриктивна, а граѓаните и компаниите ги враќаат старите кредити со високи каматни стапки, забележуваат тие.
Во јануари кредитите на фирмите се зголемени за два отсто во однос на истиот месец лани, најсилно во последните година и пол. Во декември се зголемени за 1,7 отсто, покажуваат ревидираните податоци.
На почетокот на годината забрзано е и темпото на кредитирање на домаќинствата, на 1,3 отсто, достигнувајќи највисоко ниво од јули 2023 година. Во декември стапката на раст беше 1,1 отсто.
Показателот за парична маса М1, кој ги вклучува валутите во оптек и депозитите преку ноќ, во јануари се зголеми за 2,7 отсто, што е најсилно за нешто повеќе од две години. Во декември се зголеми за 1,8 отсто. Период од речиси две години на пад заврши во октомври минатата година, покажуваат податоците. Во август 2023 година, понудата на пари е намалена за цели 10,4 отсто.











